„Peugeot“ си постави исклучително амбициозна цел – во следните четири години да ја зголеми глобалната продажба од 1,1 милион возила, колку што продаде минатата година, на 1,5 милион автомобили. Тоа претставува раст од дури 36 проценти. Во срцето на оваа стратегија е голема производна офанзива, која ќе започне следната година со премиерата на новиот супермини „e-208“.
Новиот „Peugeot e-208“, чие претставување на пазарот се очекува во втората половина на 2027-ма година, ќе биде првиот модел изграден на новата модуларна платформа STLA One на матичната компанија „Stellantis“. Овој автомобил нема да биде само уште еден градски хечбек, туку ќе претставува технолошки и дизајнерски предводник на целата нова генерација модели што ќе следуваат.
Инспирација од легендарниот „Peugeot 205“
Дизајнот на новиот „e-208“ ќе биде силно инспириран од радикалниот концепт „Polygon“, но и од легендарниот „Peugeot 205“. Првиот човек на брендот, Ален Фаве, потврди дека тоа е дел од стратегијата на францускиот производител да го искористи своето богато наследство како инспирација за идните модели.
Како пример за ваквиот пристап се наведуваат концептите „Inception“ и „E-Legend“, кој претставува модерна интерпретација на култниот „Peugeot 504 Coupé“ од шеесеттите години на минатиот век.
Две нови концептни возила во Париз
Поглед кон иднината на „Peugeot“ јавноста ќе добие уште во октомври, кога на Саемот за автомобили во Париз ќе бидат претставени две нови концептни возила.
Според Фаве, тие ќе го претстават новиот дизајнерски јазик и технолошките решенија што ќе ги користат идните сериски модели.
„Нашето наследство е исклучително важно за нас, но пред сè затоа што ни дава идеи за иднината, кои повторно ќе ги претставиме на Саемот во Париз“, изјави Фаве.
Премиерата нема да биде во Париз
И покрај претходните шпекулации, новиот „Peugeot e-208“ нема да дебитира на Саемот во Париз. Наместо тоа, францускиот производител планира неговата официјална премиера да ја организира на посебен настан непосредно пред почетокот на продажбата следната година.
Следува целосно обновување на гамата
Новите концепти ќе го најават почетокот на новата ера за „Peugeot“. Според најавите, по „e-208“ ќе следуваат уште шест нови модели, меѓу кои новата генерација на „Peugeot 308“, три нови модели од Ц-сегментот што ќе се произведуваат во Франција, како и два нови предводнички модели од Д-сегментот, развиени во соработка со кинескиот автомобилски гигант „Dongfeng“.



