Стриминг платформата „Spotify“ објави дека корисниците на нејзиниот премиум пакет наскоро ќе можат да водат интерактивни разговори со „AI“ асистент за музиката и другите аудиосодржини што ги слушаат.
Новата функција првично ќе биде достапна во Соединетите Американски Држави, Ирска и Шведска за корисниците на оперативните системи „iOS“ и „Android“, постари од 18 години, и засега ќе функционира само на англиски јазик.
Станува збор за бета-верзија, што значи дека системот можеби нема секогаш да работи беспрекорно, а повратните информации од корисниците ќе помогнат во неговото понатамошно унапредување и прецизно прилагодување.
За разлика од досегашните „AI“ функции, како што е виртуелниот диџеј кој комуницира еднонасочно, новиот асистент овозможува вистинска двонасочна комуникација преку почетниот екран и екранот на песната што моментално се репродуцира.
Корисниците ќе можат да испраќаат текстуални пораки или да разговараат со апликацијата преку глас, со што ќе можат во реално време да ги прецизираат своите музички барања.
На пример, корисникот може да каже: „Пушти ми изведувачи што никогаш претходно не сум ги слушал“, а потоа да продолжи со барањето: „Нека биде со побрз ритам и додади некој понов изведувач“.



