ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ подготвува мерки за олеснување на прекуграничните банкарски спојувања

ЕУ подготвува мерки за олеснување на прекуграничните банкарски спојувања

Европската комисија (ЕК) планира да ја ограничи политичката вмешаност во процесот на банкарски спојувања во Европската Унија (ЕУ) и да ги отстрани пречките за прекуграничното банкарство во рамките на Унијата. Целта е европските банки да станат поконкурентни во однос на големите финансиски институции од Соединетите Американски Држави.

Во извештај на ЕУ, објавен во петокот, се наведува дека внатрешните бариери им го отежнуваат проширувањето на европските банки, со што тие се доведени во понеповолна положба во споредба со американските кредитори, кои имаат корист од економијата на обем на поинтегрираниот пазар, пренесува „Reuters“.

Во извештајот се посочува дека банкарските спојувања во ЕУ и натаму главно се одвиваат во рамките на националните граници. Поради тоа, многу банкарски групации се големи во однос на економијата на својата држава, но не и во однос на економијата на Европската Унија, Банкарската унија или нивните меѓународни конкуренти.

Според Европската комисија, неоправданите национални интервенции во прекуграничните банкарски спојувања ги спречуваат кредиторите да достигнат доволна големина на ниво на ЕУ и да станат поконкурентни.

Извештајот доаѓа во период кога Германија ја одби понудата на италијанската „UniCredit“ за преземање на „Commerzbank“. „UniCredit“ се обидува да го реализира договорот уште од 2024-та година, но се соочува со силен политички отпор, што, според Европската комисија, покажува колку е тешко да се реализираат прекугранични банкарски зделки во Европа.

Берлин официјално образложи дека причината за одбивањето е понудената цена, но истовремено истакна дека „Commerzbank“ е клучен кредитор за германската економија и треба да остане во германска сопственост.

„Од наша гледна точка тоа е погрешен пристап. Доколку надзорните и антимонополските органи дадат зелено светло, прекуграничните спојувања се позитивна работа“, изјавил висок претставник на Европската Унија.

Тој додал дека американските банки веќе ги надминуваат европските конкуренти во повеќе сегменти од финансискиот сектор.

„Главниот двигател на конкурентноста не е регулативата, туку недостигот од доволен обем“, посочил изворот.

Според извештајот, Европската комисија ќе предложи нов пакет мерки за банкарскиот сектор во првиот квартал од 2027-ма година. Предвидени се и постапки против земјите членки кои неоправдано ги блокираат предложените банкарски спојувања.

Меѓу предложените измени е прекуграничните банкарски групации полесно да ги исполнуваат барањата за капитал и ликвидност преку матичните компании, наместо преку сегашниот систем што предвидува дополнителни обврски за подружниците. Според проценките во извештајот, со укинување на овие ограничувања би можеле да се ослободат околу 230 милијарди евра ликвидни средства.

Комисијата планира и сегашниот предлог за европска шема за гарантирање на депозитите да го замени со нов модел за заштита на штедните влогови.

Банкарскиот сектор реагираше различно на извештајот. Француското банкарско здружение „FBF“ оцени дека документот содржи „неколку позитивни насоки“, но смета дека се потребни поконкретни мерки, особено во делот на регулаторната координација и ограничувањето на националните правила.

Главниот извршен директор на „Deutsche Bank“ и претседател на Здружението на германски банки, Кристијан Зевинг, повика на брзи реформи, вклучително и измени на минималните капитални барања, олеснување на трговското финансирање, поголеми инвестиции во софтвер и преиспитување на механизмите за финансиска стабилност.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП