Еден од најневеројатните примери на колективна солидарност во современата економска историја се случи во Јужна Кореја во 1998-ма година, кога повеќе од 3,5 милиони граѓани доброволно ѝ предадоа на државата златен накит, бурми, медали и семејни скапоцености за да помогнат земјата да излезе од длабоката финансиска криза.
Во рамките на националната кампања беа собрани дури 227 тони злато, чија вредност тогаш изнесуваше повеќе од две милијарди американски долари. Златото подоцна беше претопено во полуги и продадено на меѓународниот пазар за отплата на надворешниот долг.
Кампањата започна по договорот со ММФ
Акцијата започна на 5-ти јануари 1998-ма година, само неколку недели откако Јужна Кореја постигна договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за пакет финансиска помош вреден 58 милијарди долари.
Целта беше зајакнување на девизните резерви и намалување на надворешниот долг во време кога земјата се соочуваше со една од најтешките економски кризи во својата историја.
Кампањата ја организираа државата, националната телевизија КБС и најголемите корејски банки. Иако првично беше планирано да трае само неколку дена, поради огромниот интерес на граѓаните беше продолжена до 30-ти април 1998-ма година.
Повеќе од три милиони луѓе се откажаа од семејните спомени
Само во првите два дена на акцијата се приклучија околу 500.000 граѓани.
До средината на јануари бројот на учесници надмина еден милион, а до крајот на месецот повеќе од 1,67 милиони луѓе веќе ги донираа своите златни предмети.
По завршувањето на кампањата учествуваа 3,51 милион граѓани, што претставува речиси 23 проценти од сите домаќинства во Јужна Кореја.
Беа собрани околу 227 тони злато, чија тогашна вредност беше проценета на околу 2,13 милијарди долари.
Бурми, олимписки медали и семејно наследство
Најголемиот дел од донациите не дојдоа од големите компании, туку од обичните граѓани, кои се откажаа од предмети со огромна емотивна вредност.
Младенците ги подаруваа своите бурми, родителите ги носеа традиционалните златни прстени што во Кореја им се подаруваат на децата за првиот роденден како симбол на благосостојба, а меѓу донациите имаше и воени одликувања, олимписки медали и семејни скапоцености што се пренесувале од генерација на генерација.
Меѓу учесниците беше и кардиналот Стивен Ким Су Хван, една од најпочитуваните личности во земјата, кој го донираше златниот крст што го добил кога во 1969-та година бил именуван за кардинал.
Златото беше продадено за отплата на надворешниот долг
Собраното злато беше претопено во полуги и продадено на меѓународните пазари.
Средствата од продажбата беа искористени за сервисирање на дел од надворешниот долг на Јужна Кореја.
Иако собраните 2,13 милијарди долари претставуваа само околу 3,7 проценти од вкупниот пакет помош од ММФ, акцијата имаше огромно симболично значење.
Милиони граѓани покажаа подготвеност лично да учествуваат во закрепнувањето на националната економија, што дополнително ја зајакна довербата во реформите што ги спроведуваше државата.
Реформите и солидарноста донесоа брзо закрепнување
Паралелно со кампањата за собирање злато, Владата на Јужна Кореја спроведе обемни економски реформи, реструктуирање на големите компании, либерализација на пазарот, отворање кон странските инвестиции и промени на пазарот на трудот, во согласност со програмата на ММФ.
Комбинацијата од економски реформи и силната поддршка од граѓаните даде резултат.
Јужна Кореја успеа во август 2001-ва година целосно да го отплати заемот од ММФ, речиси три години пред предвидениот рок, постигнувајќи едно од најбрзите економски закрепнувања во современата историја.
Кампањата остана симбол на националното единство
Акцијата од 1998-ма година и денес се смета за еден од најзначајните примери на национална солидарност во светот.
Инспирација делумно била пронајдена во слична иницијатива од 1907-ма година, кога граѓаните на тогашната Корејска Империја собирале пари и скапоцености за да помогнат во отплатата на долгот кон Јапонија.
И денес кампањата за собирање злато во Јужна Кореја се смета за пример како заедништвото на граѓаните, заедно со одлучните економски реформи, може да помогне во надминување на една од најголемите финансиски кризи во историјата на една држава.



