„Taiwan Semiconductor Manufacturing Co“ (TSMC) објави скок од 77,4% во профитот во вториот квартал во однос на истиот период минатата година во четвртокот, надминувајќи ги очекувањата, бидејќи најголемиот светски производител на чипови по договор продолжи да поставува рекорди, објави „CNBC“.
Приходите на компанијата изнесуваа 1,27 трилиони тавански долари (39,45 милијарди американски долари), во споредба со проценките од 1,264 трилиони тајвански долари, а нето добивката изнесуваше 706,56 милијарди тајвански долари, во споредба со проценките од 632,64 милијарди тајвански долари. Проценките беа составени од „LSEG SmartEstimates“ и се пондерирани во корист на прогнозите на аналитичарите, кои се постојано поточни.
Нето добивката на тајванскиот технолошки гигант за кварталот што заврши во јуни достигна рекордно високо ниво за петти квартал по ред, што е зголемување од 23,4% во однос на претходниот квартал.
Приходите скокнаа за 36% од 933,79 милијарди тајвански долари во истиот период минатата година. Компанијата соопшти дека напредните технологии – 7 нанометри и помалку – сочинуваат 77% од вкупните приходи од продажба на полупроводнички плочки.
Компанијата заврши со силен раст, што вклучуваше и силна продажба во јуни објавена претходно оваа недела.
Акциите на „TSMC“, кои се зголемија за повеќе од 58% од почетокот на годината, пораснаа за 1,23% во четвртокот.
Највредната компанија во Азија има корист од силната побарувачка за чипови со вештачка интелигенција што ги создава за глобалните технолошки гиганти, вклучувајќи ги „Nvidia“, „Apple“ и „Broadcom“.



