Цените на електричната енергија во Европа во текот на денот се менуваат толку брзо што создаваат впечаток како возење на ролеркостер, пишува „Bloomberg“.
Главната причина е масовното поставување соларни панели, што создава големи предизвици за електроенергетските мрежи – од негативни цени во сончевите попладневни часови до нагли скокови навечер, кога сонцето заоѓа, а потрошувачката расте.
На крајот на мај во Германија, во рок од само неколку часа, цената на струјата се движела од негативни вредности напладне до повеќе од 400 евра за мегават-час околу 20 часот. Така, иако во дел од денот електричната енергија е речиси бесплатна, конечните сметки за потрошувачите сепак се повисоки во споредба со претходните години.
Франција е еден од ретките исклучоци благодарение на своите нуклеарни електрани, кои обезбедуваат постабилни цени. Во такви услови, гасните електрани сè повеќе се сметаат за резерва што го надополнува производството од обновливите извори, наместо за главен извор на електрична енергија. Сепак, тие моментално не се исплатливи ниту во пладневните часови, ниту навечер, поради високите цени на природниот гас.
„Паткина крива“
Состојбата на пазарот е позната како „паткина крива“, бидејќи графиконот на потрошувачката наликува на силуета на патка. Овој феномен првпат бил опишан од оператор на електроенергетската мрежа во Калифорнија и ја покажува наглата потреба од дополнителни извори на електрична енергија во вечерните часови, кога производството од соларните панели нагло опаѓа.
Европската Унија веќе го препознава овој проблем. Минатата есен Брисел побара од европскиот енергетски регулатор „ACER“ да ги анализира причините за големите ценовни скокови во Југоисточна Европа. Анализите покажале дека дневните ценовни осцилации денес се околу петпати поголеми отколку во 2020-та година.
Регулаторот препорача воведување мерки за стабилизација, меѓу кои и изградба на батериски системи што би ја складирале вишокот електрична енергија во текот на денот и би ја враќале во мрежата во вечерните часови.
Иако производството од соларните панели денес е полесно за предвидување, бидејќи е познато кога ќе престане по заоѓањето на сонцето, сè поголемото учество на зелената енергија ја отежнува работата на електроенергетските системи. Пример за тоа беше големиот прекин на снабдувањето со електрична енергија во Шпанија и Португалија минатата пролет, кој покажа колку е важно во секој момент да се одржува рамнотежата на системот.
Новата реалност
Она што денес изгледа како екстремна нестабилност, всушност станува новата нормалност за европскиот енергетски систем, оценува аналитичарката Силе Ериксен Холман од „Volt Power Analytics“.
Според неа, ваквите дисбаланси ќе продолжат да се продлабочуваат, бидејќи изградбата на нови соларни капацитети не запира. Соларната енергија е еден од најбрзо растечките сектори во енергетиката, затоа што панелите се релативно евтини и брзо се поставуваат. Иако капацитетите за складирање енергија во батерии исто така растат, тие сè уште претставуваат само околу 3 проценти од капацитетот на соларните електрани во Европската Унија.
Недостигот од доволно системи за складирање ги принудува операторите повремено да ги исклучуваат соларните паркови, што ги намалува приходите на инвеститорите и веќе има знаци дека тоа го забавува инвестирањето во нови капацитети. Тоа би можело да продолжи сè додека не се модернизираат електроенергетските мрежи и не се зголемат батериските капацитети.
Голема можност за инвеститорите
Сè поголемата разлика меѓу цената на струјата напладне и навечер претставува одлична можност за инвеститорите во батериски системи. Тие можат да ги полнат батериите кога струјата е евтина или дури има негативна цена, а потоа да ја продаваат кога цената значително ќе порасне.
Според медиумите, ваквиот модел веќе станува многу профитабилен. Батериите се полнат и со евтина увезена електрична енергија од соседните земји, а потоа струјата се продава по значително повисоки цени, понекогаш токму во истите држави од кои претходно била увезена.



