ПочетнаКОМПАНИИГолемите зделки ѝ донесоа милијарди на „Morgan Stanley“

Големите зделки ѝ донесоа милијарди на „Morgan Stanley“

Американската инвестициска банка „Morgan Stanley3 објави значителен раст на добивката во вториот квартал од годинава, поттикнат од силната активност на пазарот на спојувања и преземања (M&A), и покрај неизвесноста во глобалната економија.

Поповолната регулаторна средина и силните берзански резултати ги охрабрија компаниите од различни сектори да реализираат големи трансакции, што значително ги зголеми приходите на банките од советодавни услуги.

Вкупната вредност на најавените спојувања и преземања во првите шест месеци од годината достигнала 2,8 трилиони долари, што претставува раст од 48 проценти во споредба со истиот период лани и највисоко ниво за прво полугодие откако LSEG почнала да води ваква статистика во 1980-та година.

Меѓу најзначајните зделки во кварталот е улогата на „Morgan Stanley“ како финансиски советник на „Fertitta Entertainment“ при договорот за преземање на „Caesars Entertainment“, вреден 17,6 милијарди долари.

Банката одигра клучна улога и при рекордната иницијална јавна понуда (IPO) на „SpaceX“, проценета на 2 трилиони долари, која даде нов поттик на американскиот пазар на берзански листирања.

Приходите од инвестициско банкарство пораснале за речиси една милијарда долари

Приходите од инвестициско банкарство достигнале 2,44 милијарди долари, наспроти 1,54 милијарди долари во истиот период минатата година, главно благодарение на повисоките надоместоци од советување при спојувања и преземања.

Нето-добивката што им припаѓа на акционерите изнесува 5,58 милијарди долари, односно 3,46 долари по акција, додека една година претходно изнесувала 3,54 милијарди долари или 2,13 долари по акција.

Волатилноста на пазарите ја зголеми трговската активност

Во текот на кварталот светските финансиски пазари беа под силно влијание на конфликтот меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, што ги зголеми стравувањата за снабдувањето со сурова нафта и предизвика нагло поскапување на енергенсот.

Дополнителна неизвесност создадоа и инфлацијата, како и променливите очекувања за монетарната политика, иако водечките берзански индекси останаа релативно стабилни.

Таквите услови традиционално им одговараат на трговските оддели на инвестициските банки. Клиентите реализирале поголем број трансакции за да се заштитат од ризици и да ги искористат ценовните осцилации, што позитивно се одразило врз приходите на „Morgan Stanley“.

Приходите од тргување со акции се зголемиле за повеќе од 69 проценти и достигнале 6,3 милијарди долари.

По објавувањето на финансискиот извештај, акциите на „Morgan Stanley“ пораснаа за речиси 1 процент, а од почетокот на 2026-та година нивната вредност е зголемена за 28,5 проценти.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП