ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ сака САД да ги укине царините за стока вредна 150 милијарди...

ЕУ сака САД да ги укине царините за стока вредна 150 милијарди евра

Европската комисија (ЕК) им достави на Соединетите Американски Држави список на производи од Европската Унија (ЕУ) за кои Брисел бара да бидат ослободени од царината од 15 проценти, воведена од Вашингтон согласно трговскиот договор што двете страни го потпишаа во 2025-та година, пренесува „Euronews“.

На списокот се наоѓаат стотици производи, меѓу кои сирење рокфор, маслиново масло, вина, жестоки алкохолни пијалаци и пиво, тестенини, медицински производи, електрична опрема и машини.

Трговскиот претставник на Европската Унија, Матијас Јоргенсен, во вторникот пред европратениците изјави дека списокот опфаќа европски извоз во вредност од околу 150 милијарди евра.

Тој посочи дека избраните производи се или економски значајни за Европската Унија или имаат ограничена достапност на американскиот домашен пазар.

Во јули 2025-та година, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп постигнаа договор во Шкотска по неколкунеделни трговски несогласувања. Според договорот, Европската Унија прифати американски царини од 15 проценти за увозот од ЕУ, додека ги укина сопствените царини за американските индустриски производи.

Преговорите за можните царински исклучоци беа најавени и во заедничкото соопштение на Брисел и Вашингтон објавено во август, но САД одбија да започнат разговори сè додека ЕУ не ги намали царините за американските производи.

Откако во мај беше постигнат договор, а Брисел на 1-ви јули ги укина овие царини, Европската комисија сега се надева дека ќе обезбеди исклучоци од американските царини од 15 проценти.

Во заедничката изјава се наведува дека САД и ЕУ ќе ја разгледаат можноста повторно да се применуваат царинските стапки што важеле пред 2025-та година за производите кои се од особено значење за нивните економии и синџирите на снабдување. Просечната царинска стапка за тие производи изнесува околу 3,3 проценти.

Од 2025-та година наваму, земјите-членки на Европската Унија вршат притисок врз Европската комисија, која преговара во нивно име за трговските прашања, со цел да се обезбедат пониски американски царини или исклучоци за одредени производи.

Франција, Италија и Шпанија особено инсистираат на поповолни услови за извозот на нивните вина на американскиот пазар.

Европската Унија се надева дека ќе отвори и разговори за челикот и алуминиумот, кои сè уште се оптоварени со американски царини од 50 проценти.

Јоргенсен оцени дека преговорите за овие производи ќе бидат тешки.

„САД јасно ставија до знаење дека, од причини поврзани со националната безбедност, сакаат да го задржат и заштитат домашното производство во оваа област“, изјави Јоргенсен.

Тој предупреди и дека трговските односи меѓу Европската Унија и САД ќе останат изложени на висок ризик од нестабилност, особено поради заканите на Доналд Трамп кон земјите-членки на ЕУ кои воведуваат дигитален данок за големите американски технолошки компании.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП