ПочетнаЗДРАВЈЕОвој вид храна може да стои зад секој четврти случај на срцеви...

Овој вид храна може да стои зад секој четврти случај на срцеви заболувања

Ново истражување покажува дека еден вид исхрана би можел да биде поврзан со околу една четвртина од сите случаи на срцеви заболувања и смртни исходи поврзани со нив.

Податоците објавени во научното списание „American Journal of Preventive Medicine“ укажуваат дека голем дел од овие случаи би можеле да се спречат со промена на навиките во исхраната. Сепак, дел од научниците предупредуваат дека резултатите треба да се толкуваат внимателно.

Во фокусот на истражувањето е високо преработената храна, како што се чипсот, преработеното месо, газираните пијалаци, сладоледот, бисквитите, индустриски произведениот леб и готовите оброци.

Анализата на здравствените податоци од Канада покажала дека меѓу 23 и 38 проценти од случаите на кардиоваскуларни заболувања можат да се поврзат со консумирањето на ваква храна.

„Овие наоди ја потврдуваат потребата од клинички и јавно-здравствени мерки насочени кон намалување на внесот на високо преработена храна“, наведуваат авторите на истражувањето, пренесува „Daily Express“.

Намалувањето на внесот може да спаси илјадници животи

Истражувачите проценуваат дека намалувањето на консумацијата на високо преработена храна за 20 до 50 проценти би можело да спречи десетици илјади нови случаи на кардиоваскуларни заболувања и илјадници смртни случаи.

Според нив, тоа може да се постигне преку подобро означување на производите, ограничување на нивното рекламирање и подобрување на квалитетот на исхраната.

Научниците предупредуваат дека е потребна претпазливост

Професорот Алберто Фиоре од Универзитетот Абертеј смета дека истражувањето има значајни ограничувања.

„Ова е студија базирана на моделирање, а не клиничко испитување“, изјави Фиоре.

Тој додава дека сè уште не е јасно дали штетното влијание доаѓа од самиот процес на индустриска обработка или од добро познатите последици од нездравата исхрана.

Маева Меј од британската организација „Stroke Association“ истакна дека истражувањето дополнително ги потврдува досегашните сознанија за поврзаноста меѓу исхраната и срцевите заболувања.

„Сè уште треба подобро да ја разбереме улогата на самата преработка на храната, но веќе знаеме дека прекумерниот внес на сол, шеќер и заситени масти може да го зголеми крвниот притисок. Не треба да ги обвинуваме луѓето за изборите што ги прават, бидејќи тие често се условени од цените, достапноста и агресивниот маркетинг“, заклучува Меј.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП