Во време кога глобално се прават напори за намалување на количината на отпад кој се создава на секојдневно ниво, Пакомак го олесни процесот на одложување на отпад за македонските граѓани, воведувајќи ги Повратните вендинг машини како иновативно решение за отпадот од пластика и лименки. Но, за разлика од корисниците во повеќето европски земји, Македонците добиваат дополнителна вредност и реално се наградува нивната активност.
Повратните вендинг машини (или ПВМ) кај нас беа воведени во 2019 година, како иновативно решение за чисто и едноставно одложување на амбалажниот отпад. По иницијатива на Пакомак, а во соработка со Швајцарската амбасада, вакви машини започнаа да се поставуваат најпрво во Скопје, а потоа и во останатите градови ширум земјата. До денес се поставени преку 90 Повратни вендинг машини, а стотата машина се очекува да биде поставена во текот на летото.
Она што го овозможи ваквиот систем на ПВМ во Македонија е принципот на кој тие се имплементираат во заедницата – драстично различен од оној во западните земји. Во повеќето европски земји, ваквите т.н. депозитни системи се воведуваат на цела територија на државите и резултираат со покачување на цените на производите на пијалаците за 5 до 25 евроценти по парче, пари кои граѓаните ги плаќаат во старт при купувањето на производот како еден вид депозит за амбалажата што ја купиле. Во моментот кога ќе ја вратат амбалажата од прoизводот во ПВМ, си ги добиваат тие пари назад како кеш или во форма на ваучер од супермаркетот каде е поставена машината. Значи, граѓаните ги добиваат своите пари кои го платиле однапред при купување на производот, како награда за селекција на отпадот.
Кај нас, ПВМ не се поставуваат на целата територија истовремено, туку можат да бидат поставени општина по општина, а цените на производите си остануваат исти. И додека во повеќето развиени европски земји ваквите ПВМ на корисниците само им се враќа депозитот за одложениот отпад, во Македонија граѓаните добиваат т.н. „зелени поени“ за секое одложено парче отпад.
Овие поени за корисниците вредат речиси двојно повеќе од пазарната вредност на одложената амбалажа, поради тоа што Пакомак со сопствени средства финансира 0,5 денари за секое парче одложен отпад. Поените подоцна можат да се искористат преку апликацијата ЕкоМак, на начин кој ќе го одбере самиот корисник.
„Системот на Повратни вендинг машини е направен така што ќе обезбеди најголема корисност за сите граѓани, но и ќе ги мотивира да се однесуваат на еко-одговорен начин. Навистина веруваме во придобивките кои ги нудат овие машини и сме задоволни што забележуваме дека се користат се’ повеќе и повеќе, ако го земеме бројот на корисници на ЕкоМак, кој расте од година во година. Свесни сме за предизвиците околу ненавремената промена на полните кеси од машините, но заедно со супермаркетите работиме на решенија со цел да се минимизира времето на застој на ПВМ “, изјави Филип Ивановски, Извршен директор на Пакомак.
За вистински да се променат навиките кај населението е потребно време, но Пакомак веќе со години работи на подигање на свеста кај граѓаните за важноста на одговорното одложување на отпадот, а поставувањето на Повратните вендинг машини е само уште еден чекор во таа насока. Преку инвестирање во подобрување на отпадната инфраструктура и воведување на нови, иновативни решенија за селектирање на отпадот, Пакомак го прави одговорното одложување поедноставно за сите. А тоа, треба да биде мотивација за секој одговорен граѓанин да се приклучи на иницијативата за почиста и поздрава животна средина.



