Анализата на Пазарната инспекција покажала дека трговците не играле спротивно на правилата. Информациите до кои дојде Денар велат заработката на трговците или маржата не биле зголемена до тој степен да се воведат нови државни мерки. Анализиран е периодот од мај 2025 до јуни годинава. Синдикалците револтирани, сметаат дека оваа анализа е нереална, и велат дека власта се ќе направи само да не донесе позначително зголемување на платите во државата.
Нема простор за нови државни мерки за намалување на цените на храната во маркетите. Ова е информацијата која ја добивме од владини претставници кои брифираат дека не постои толкаво ниво на зголемување на цените за да се стопираат маржите или да се ограничат дел од цените на прехранбените прпоизводи.
Според информациите до кои дојде Денар, на денешниот Економско социјален совет властите ќе ја објават анализата на Државниот Пазарен инспекторат која покажала дека маржите отстапувале со 2 %, а тоа ниво не било спорно и нема да се носат нови мерки, ниту пак ќе бидат санкционирани бизнисмените.
Денар веднаш побара став од Сојузот на Синдикати на Македонија. Срамно и безобразно е тоа што го објавува владата, велат од ССМ. Ниту една анализа не може да го промени мислењето и тврдењето на граѓаните кои од месец во месец се се посиромашни. Граѓаните се секој ден во маркетите, секој ден пазаруваат и секој ден се соочуваат со ценовни шокови. Синдикалците ја повикуваат владата да ги каже производите чии цени стагнираат или се намалени по последнава календарска година, не треба повеќе. Потврда за ваквите нивни ставови се дека кошничката за неколку месеци пораснала за околу 50 евра.
“Дали животот на македонските работници ќе се подобри, ако ССМ престане да ја пресметува вредноста на Синдикалната минимална кошница и дали во тој случај македонските работници ќе бидат задоволни со висината на нивните плати како што се обидуваат да ја претстават состојбата владините претставници. Вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец март 2026 година изнесува 67.818,00 денари, споредена со вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец февруари 2026 год. која изнесува 67.382,00 денари е зголемена за 436,00 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март изнесува 83.193,00 денари„ велат од ССМ.
И покрај очекувањата на целокупната јавност дека ќе се стави крај на неконтролираното зголемување на цените на храната, ништо од тоа. Веќе познатата констатација е дека граѓаните научија да плаќаат поскапо, а дел од производите одамна се луксуз на македонската трпеза.
И.П



