ПочетнаКОМПАНИИ„JPMorgan“ забележа рекордна добивка благодарение на тргувањето со акции

„JPMorgan“ забележа рекордна добивка благодарение на тргувањето со акции

„JPMorgan Chase & Co“ ја оствари највисоката квартална добивка во својата историја, откако приходите од тргувањето со акции ги надминаа очекувањата на аналитичарите, а долгогодишниот удел на банката во „Visa“ ѝ донесе добивка од 4,6 милијарди долари.

Приходите од тргувањето со акции во вториот квартал пораснале за 86 проценти на годишно ниво и достигнале 6,03 милијарди долари, се наведува во соопштението на банката. Ова ги надмина дури и најоптимистичките прогнози на аналитичарите, а вкупните приходи од тргувањето со финансиски инструменти достигнале 12,1 милијарда долари, што е повеќе од претходниот рекорд поставен во првиот квартал од годинава.

Најголемата американска банка ги објави резултатите на почетокот на сезоната на финансиски извештаи, заедно со повеќето свои големи конкуренти. Аналитичарите очекуваат финансиските институции повторно да прикажат силни резултати во сегментот на тргување со акции, поттикнати од високата нестабилност на пазарите по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во 2024-та година.

Иако речиси сите деловни сегменти на банката ги надминаа очекувањата, главниот извршен директор Џејми Дајмон предупреди дека постојат сериозни ризици за иднината.

„Под површината се акумулираат повеќе ризици како тектонски плочи. Меѓу нив се геополитичките тензии и војните, упорната инфлација, големите буџетски дефицити на глобално ниво и високите цени на средствата. Не можеме да предвидиме како ќе се развиваат овие фактори. Можно е да останат под контрола, но исто така можат да предизвикаат сериозни потреси“, изјави Дајмон.

Акциите на „JPMorgan“, кои до понеделникот пораснаа за 3,8 проценти од почетокот на годината, по објавувањето на извештајот паднаа за 1,4 проценти.

Инвестициското банкарство исто така беше меѓу главните двигатели на растот, особено по рекордната иницијална јавна понуда (IPO) на „SpaceX“ во јуни. Банката остварила приходи од провизии во инвестициското банкарство во износ од 3,28 милијарди долари, што е за 30 проценти повеќе во споредба со истиот период лани и над очекувањата на аналитичарите.

„JPMorgan“ ја зголеми и прогнозата за годишниот нето приход од камати на околу 105,5 милијарди долари. Само во вториот квартал овој приход изнесувал 25,5 милијарди долари.

Истовремено, трошоците на банката во вториот квартал достигнале 27,3 милијарди долари, што е над очекувањата. Банката ја ревидираше и прогнозата за годишните расходи на околу 107,5 милијарди долари, што претставува поголемо зголемување од она што Дајмон го најави во мај.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП