Апликацијата за навигација „Waze“ доби нови функции, меѓу кои и режим за мотоцикли управуван со вештачка интелигенција.
Според својата филозофија, „Waze“ значително се разликува од „Google Maps“. Апликацијата е првенствено создадена за возачи на автомобили и мотоцикли и во голема мера се потпира на информациите што ги споделуваат самите корисници. Овие податоци се подетални и поописни отколку на „Google Maps“, што овозможува информациите постојано да бидат ажурирани. Токму затоа „Google“ редовно објавува нови надградби за „Waze“, задржувајќи ја апликацијата како посебен производ наместо да ја интегрира во „Google Maps“.
Најновото ажурирање носи некои од најнапредните функции базирани на „Gemini“ и вештачка интелигенција.
За почеток, препораките во апликацијата ќе бидат многу поперсонализирани. „Waze“ отсега ќе ги памети вашите омилени рути – без разлика дали претпочитате возење по автопат со помалку запирања или побрзи правци што ги избегнуваат сообраќајните метежи – и при следното патување автоматски ќе ви предложи оптимизирана рута според вашите навики. Доколку не сакате да ги користите овие персонализирани препораки, можете лесно да ги исклучите во поставките.
Покрај персонализацијата на маршрутите, „Waze“ воведува и нови функции за мотоциклистите преку режимот „Motorcycle Mode“, кој сега е дополнително унапреден со вештачка интелигенција.
Со ова ажурирање, возачите на мотоцикли ќе добиваат специјално прилагодени рути што може да вклучуваат тесни премини или кратенки кои не се соодветни за автомобили или поголеми возила. Истовремено, апликацијата ќе предупредува за потенцијални опасности и пречки на патот, како што се лежечки полицајци, подигнати пешачки премини, тесни мостови и слични препреки.
„Waze“ ангажира посебен тим уредници на мапи кои детално ги проверуваат овие информации пред да бидат внесени во базата на податоци. Режимот за мотоцикли засега се воведува во Аргентина, Бразил, Колумбија, Малезија, Мексико, Перу и Филипините.
Можностите на „Gemini“ за водење природен разговор, кои веќе го заменуваат „Google Assistant“ во многу услуги, постепено пристигнуваат и во „Waze“. Функцијата „Conversational Reporting“ веќе овозможува со разговор да пријавите сообраќајни незгоди или застои, а со новото ажурирање ќе може да пријавувате и затворени патишта, неточни адреси и други настани без потреба од рачно внесување информации.
Дополнително, „Gemini“ ќе може да пронаоѓа локации и врз основа на нецелосни или нејасни барања. На пример, ако побарате „бензинска пумпа каде што има и кафе со веганско млеко“, „Waze“ ќе понуди соодветни препораки, слично на функцијата „Ask Maps“. Ова ќе биде корисно и кога не можете да се сетите на точниот назив на местото што сакате да го посетите.
За оние кои не сакаат честите гласовни известувања да ја прекинуваат музиката за време на возењето, „Waze“ воведува и режим „Помалку разговор“ (Less Chatty Mode). Во овој режим апликацијата ќе ве известува само за најважните опасности и пречки на патот.
Освен подобрениот режим за мотоцикли, кој засега е достапен само во одредени земји, сите останати нови функции постепено ќе станат достапни за корисниците ширум светот, и на „Android“ и на „iOS“ уредите.



