„Volkswagen“ ја претстави сериската верзија на новиот „ID. Cross“, електричен „SUV“ кој комбинира модерен дизајн, богата опрема и пристапна цена.
Моделот на европскиот пазар ќе пристигне во текот на есента 2026-та година, а неговата почетна цена ќе изнесува 28.000 евра.
„ID. Cross“ е долг нешто повеќе од 4,15 метри и е позициониран како директен конкурент на моделите „Kia EV2“ и „Renault 4“.

И покрај компактните димензии, „Volkswagen3 истакнува дека новиот модел нуди повеќе простор за патниците и поголем багажен простор од повеќето конкуренти.

Багажникот има капацитет од 475 литри, а дополнително располага и со преден простор од 25 литри, наменет за кабли и помали предмети.
Купувачите ќе можат да избираат меѓу три верзии на електромотор и две батерии.

Основниот модел развива 116 коњски сили и користи батерија со капацитет од 37 kWh, додека помоќните верзии нудат 136 коњски сили со истата батерија или 211 коњски сили со батерија од 52 kWh.
Најмоќната верзија, според „WLTP“ стандардот, може да помине до 436 километри со едно полнење, додека основниот модел нуди автономија до 316 километри.

Полнењето на батеријата од 10 до 80 проценти трае околу 24 минути, а моделот ја поддржува и функцијата „Vehicle-to-Load“ (V2L), која овозможува напојување на надворешни електрични уреди директно од батеријата на автомобилот.
Во внатрешноста се наоѓа голем мултимедијален екран од 12,9 инчи, а „Volkswagen“ повторно воведува и физички копчиња на воланот и централната конзола, како одговор на критиките упатени кон претходните модели на компанијата.

На листата на дополнителна опрема се наоѓаат предни седишта со функција за масажа и електрично прилагодување во 12 насоки, матрични LED светла, панорамски стаклен покрив, адаптивен темпомат и аудиосистем „Harman Kardon“ со 10 звучници.
Со почетна цена од 28.000 евра, „Volkswagen ID. Cross“ директно влегува во конкуренција со моделите „Kia EV2“ и „Renault 4“, нудејќи богата опрема, модерен дизајн и конкурентна автономија.



