ПочетнаЗДРАВЈЕПет работи што секој треба да ги направи веднаш по будењето

Пет работи што секој треба да ги направи веднаш по будењето

Д-р Амир Кан е еден од најпознатите телевизиски лекари, а гледачите редовно можат да го видат во емисиите „Good Morning Britain“ и „Lorraine“, каде што споделува совети за здравјето.

Тој е активен и на социјалните мрежи, каде што го следат повеќе од еден милион луѓе. Неодамна сподели пет едноставни утрински навики за кои тврди дека можат позитивно да влијаат врз здравјето.

Тој нагласи дека не препорачува додатоци во исхраната ниту скапи производи.

„Ви ги претставувам петте најдобри здравствени совети, и тоа целосно бесплатно. Нема никакви додатоци во исхраната, ништо што го продавам, ниту специјални уреди – само пет работи кои се добри за вас и кои можете да ги направите веднаш штом ќе се разбудите“, порача тој.

Испијте голема чаша вода

Д-р Кан советува денот да го започнете со чаша вода, бидејќи телото по седум до осум часа сон природно е благо дехидрирано.

„Чаша вода веднаш наутро помага да се надомести течноста изгубена во текот на ноќта. Тоа ја подобрува циркулацијата, работата на бубрезите и варењето, а кај некои луѓе може да ја подобри и будноста и концентрацијата“, вели тој.

Додава дека токму затоа сака денот да го започне хидриран и смета дека тоа е една од наједноставните здрави навики што можеме да ги усвоиме.

Излезете надвор

Овој совет го опиша како свој омилен.

Тој објасни дека утринската сончева светлина ги активира специјалните клетки во очите кои испраќаат сигнал до биолошкиот часовник во мозокот, со што се намалува лачењето на мелатонин и се усогласува циркадниот ритам.

„Луѓето кои се изложени на силна утринска светлина обично спијат подобро, имаат повеќе енергија во текот на денот, а често се и подобро расположени“, тврди докторот.

Според него, не е потребно долго да престојувате надвор – понекогаш се доволни само 10 до 20 минути додека го пиете утринското кафе.

Одете боси по трева

Д-р Кан нагласува дека не зборува за теории поврзани со електромагнетни полиња, туку за придобивките што ги има оваа навика за стапалата и рамнотежата.

„Станува збор за стимулирање на илјадниците нервни завршетоци во стапалата, подобрување на рамнотежата, зајакнување на малите мускули на стапалата и зглобовите, како и за тоа да забавите и уште наутро да се поврзете со природата“, објасни тој.

Слушајте пеење на птици

Според него, звуците од природата можат значително да придонесат за подобро ментално здравје.

„Истражувањата покажуваат дека слушањето пеење на птици и други природни звуци може да го намали стресот, да го подобри расположението, па дури и да ги ублажи чувствата на анксиозност и параноја“, истакнува докторот.

Тој додава дека научниците сметаат оти ваквите звуци му испраќаат сигнал на нервниот систем дека сме на безбедно место.

Вдишете длабоко пет пати

За крај, д-р Кан препорачува пет бавни и длабоки вдишувања.

„Вдишувајте четири секунди, а издишувајте шест секунди. Така се активира парасимпатичкиот нервен систем, односно системот задолжен за одмор и варење. Тоа го забавува срцевиот ритам, ги намалува хормоните на стрес и му испраќа сигнал на мозокот дека сте опуштени и безбедни“, објасни тој.

Тој истакна дека целата вежба трае помалку од една минута и заклучи:

„Ништо од ова не чини пари. Не продавам ништо. Понекогаш најмоќниот лек не е нешто што можете да го купите, туку нешто на што треба повторно да се потсетиме – нешто за што нашето тело е создадено и што нашите предци го практикувале со векови“.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП