ПочетнаЕКОНОМИЈАШто ако ви ја украдат картичката на одмор или ја изгубите на...

Што ако ви ја украдат картичката на одмор или ја изгубите на плажа?

Доволни се неколку секунди невнимание. Паричникот останал на лежалка, чантата била откопчана во гужва, картичката исчезнала по плаќање во ресторан. На одмор човек мисли на море, пат, деца, куфери, сметки. А токму тогаш една изгубена банкарска картичка може да направи нервоза поголема од расипана резервација.

Првото правило е едноставно: не барајте ја цел ден.

Ако картичката ја нема, веднаш јавете се во банката или блокирајте ја преку мобилната апликација. Банкарски експерти велат дека најголемата грешка е чекањето.

„Луѓето често мислат: можеби ми е во автомобил, можеби останала во хотел, ќе проверам подоцна. Тоа подоцна може да чини пари“, предупредуваат познавачи на банкарскиот сектор.

Во повеќето банки денес блокирањето може да се направи за помалку од една минута преку апликација. Ако немате интернет, барајте телефон за итни случаи од банката. Добро е бројот да го имате зачувано и во телефонот, не само на задната страна од картичката. Зашто ако ја нема картичката, го нема ни бројот.

Следниот чекор е проверка на трансакциите. Не само последната. Сите. Понекогаш крадецот не оди веднаш на голема сума, туку прво пробува мала наплата, кафе, билет, ситна онлајн услуга. Ако помине, потоа следува поголем удар.

„Секоја трансакција што не ја препознавате треба веднаш да се пријави. Не утре, не кога ќе се вратите од одмор, туку веднаш“, велат банкарски советници.

Ако сте во странство, проблемот станува покомплициран, но не и нерешлив. Блокирањето е најважно. Потоа банката може да ве упати како да добиете нова картичка, дали има можност за итна замена, дали може да користите дигитална картичка во телефон или друг начин за пристап до пари. Кај некои банки постојат и опции за итна исплата или помош преку партнерски мрежи, но тоа зависи од банката, типот на картичката и земјата каде што се наоѓате.

Затоа економистите советуваат на одмор никогаш да не се патува само со една картичка и без готовина. Не треба да носите големи суми, но мала резерва во кеш може да ве спаси од непријатна ноќ на рецепција, неплатена сметка или такси што не прифаќа картички.

„Паметно е главната картичка да не се носи секогаш на плажа или на прошетка. Оставете една резерва на безбедно место, а со себе носете ја онаа со помал лимит“, советуваат финансиски познавачи.

Посебно внимание треба да се внимава и на ПИН-кодот. Не го чувајте запишан во паричник, не го кажувајте никому, не го внесувајте ако банкоматот изгледа чудно или има дополнителни пластични делови околу отворот за картичка. Ако банкоматот ја „голтне“ картичката, не заминувајте веднаш. Јавете се во банката и пријавете што се случило.

Добра навика е пред патување да се вклучат известувања за секоја трансакција. Така веднаш ќе видите ако некој се обиде да плати со вашата картичка. Уште подобро, поставете дневни лимити. Можеби е малку досадно додека купувате, но ако дојде до кражба, штетата може да биде помала.

Ако се сомневате дека картичката е украдена, а не само изгубена, пријавете и во локална полиција, особено ако има спорни трансакции. Потврдата може да ви биде потребна во комуникацијата со банката или осигурителната компанија.

Одмор е одмор, ама парите не знаат дека сте на плажа. Картичката може да исчезне за миг. Паниката не помага. Брза реакција, блокирање, проверка на сметката и резервен план. Тоа е разликата меѓу непријатност и вистински финансиски проблем.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП