Компаниите што организираат наградни игри, giveaway кампањи и промотивни активности на социјалните мрежи ќе мора многу повнимателно да ги планираат своите маркетинг активности.
Новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој стапи во сила на 14 јули 2026 година, за првпат детално ги регулира giveaway кампањите, интерактивните квизови и наградните игри, а во одредени случаи како „влог“ повеќе нема да се смета само парична уплата, туку и лајк, тагирање, споделување или објавување содржина.
Не е важно како ќе ја наречете кампањата
Една од најважните новини е што законот не го оценува називот на кампањата, туку нејзината суштина.
Тоа значи дека промотивна активност наречена „giveaway“, „подарок“, „предизвик“ или „промоција“ може да се смета за игра на среќа доколку постои ограничен број добитници, победникот се избира по случаен избор, сите учесници имаат еднаква можност за добивка, а учеството е поврзано со купување, лајкување, тагирање, споделување или друг вид активност што законот ја препознава како влог.
Лајкот повеќе не е само лајк
Законот првпат експлицитно го дефинира и поимот giveaway.
Во него се наведува дека кампањи од типот:
- „Лајкни и освои“;
- „Тагирај пријател“;
- „Сподели ја објавата“;
- „Објави фотографија и учествувај“
можат да претставуваат игра на среќа доколку добитниците се избираат по случаен избор.
Особено важно е што отсуството на парична уплата не ја исклучува примената на законот, бидејќи лајкот, тагирањето и објавата законски се препознаени како форма на влог.
Не секое подарување е наградна игра
Законот истовремено прави јасна разлика меѓу giveaway и обично подарување.
Ако нема извлекување и случаен избор, туку подарокот однапред е гарантиран според јасно утврден критериум, тогаш не станува збор за наградна игра.
Како примери се наведуваат:
- подарок за секој 50-ти купувач;
- програми за лојалност во кои купувачите собираат поени и по исполнување на условите сигурно добиваат производ, услуга или попуст.
Во вакви случаи не се применува постапката за добивање дозвола според Законот за игрите на среќа, иако компаниите и понатаму треба да го проверат даночниот третман според другите прописи.
За дел од кампањите ќе биде потребна дозвола
Кога промотивната активност претставува наградна игра или giveaway што потпаѓа под законот, организаторите ќе мора да обезбедат дозвола од Министерството за финансии.
За класичните наградни игри, барањето треба да се поднесе најмалку 30 дена пред почетокот, а кон него се доставуваат правилата на играта, докази за потеклото на наградите, регистрациски и финансиски документи, потврди за платени јавни давачки и административен надоместок од 100 евра во денарска противвредност.
Кај giveaway кампањите, документот предупредува дека законскиот рок за одлучување е до 60 дена, поради што организаторите треба однапред да ги планираат ваквите активности.
Следува и посебна давачка од 18%
Освен административниот надоместок за барањето, законот воведува и посебна давачка од 18% од вкупната вредност на наградниот фонд за наградни игри, giveaway кампањи и интерактивни игри на среќа.
Давачката се плаќа во рок од три дена по добивањето на дозволата, а неплаќањето може да доведе до нејзино одземање.
Нови правила и за квизовите
Измените ги опфаќаат и интерактивните квизови.
Ако учеството е условено со премиум СМС, телефонска такса или друг вид уплата, квизот може да се смета за интерактивна игра на среќа и ќе бара дозвола.
Но, доколку учеството е бесплатно и нема дополнителен финансиски трошок за учесниците, таквиот квиз не се смета за игра на среќа според овој закон.
Даночните обврски остануваат
Законот дополнително го регулира и даночниот третман на наградите.
За добивки над 5.000 денари се плаќа персонален данок на доход од 15%, кој го пресметува и уплаќа организаторот. Документот содржи и правила за третманот на ДДВ, данокот на добивка и случаите кога наградите им се доделуваат на вработени.
Компаниите ќе мора однапред да ги анализираат кампањите
Практично, новиот закон значи дека компаниите повеќе нема да можат да ги организираат giveaway кампањите само како маркетинг активност.
Пред секоја промотивна кампања ќе треба внимателно да се анализира механизмот на учество, начинот на избор на добитниците, видот и вредноста на наградите, роковите за добивање дозвола и даночните последици.
Најважната порака од законот е дека кампања со случаен избор на добитници не престанува да биде игра на среќа само затоа што е наречена „giveaway“ или затоа што учесниците не плаќаат пари за да се пријават.
С.Б.



