Заменик-министерот за економија Марјан Ристески најави дека просечната потрошувачка кошничка е изработена и усвоена од Економско-социјалниот совет, а нејзината примена се очекува да започне од септември.
Очекувам, ако се усогласиме со податоците на Државниот завод за статистика, од септември да почнеме да ја применуваме, рече заменик-министерот за економија Ристески.
Тој нагласи дека новата просечна потрошувачка кошничка не треба да се поистоветува со минималната потрошувачка кошничка што ја објавуваат синдикатите.
-Да повторам по не знам кој пат, дека просечната потрошувачка кошничка не е пандан на минималната потрошувачка кошничка, која не е минимална, ја објавуваат синдикатите според некои нивни параметри. Оваа кошничка нам ќе ни користи за водење исправни економски политики, носење исправни закони, одлуки и мерки, базирани на добро обработени статистички податоци -подвлече Ристески.
Но, дали новата пресметка ќе ја зголеми куповната моќ на македонските граѓани?
Трговците ја претераа, цените се неколкукратно зголемени последниве години. Поскапено е буквално се, секој производ или услуга која граѓаните секојдневно ја користат.
Општиот впечаток на граѓаните е дека цените никогаш за овие неколку години не престанаа да растат, не само на храната.



