ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа три месеци македонците на интернет потрошиле 266 милиони евра

За три месеци македонците на интернет потрошиле 266 милиони евра

Интернет трговијата во Македонија со двоцифрен раст, онлајн трансакциите достигнаа речиси 266 милиони евра во првиот квартал од 2026 година. Домашната е-трговија продолжува да расте, 156 милиони евра се потрошени кај македонските е-продавници во првиот квартал од 2026.

Според најновите податоци на Народната банка за трансакции на места на продажба за е-трговија, во првиот квартал од 2026 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 265 милиони евра, што претставува раст од 18% во однос на истиот период минатата година. Податоците велат дека во оваа вредност се вклучени онлајн купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, како и купувањата на странски потрошувачи кај македонските е-трговци.

Податоците од извештајот вели дека домашните иматели на платежни картички реализирале трансакции во вредност од 140.12 милиони евра, што е 15% повеќе во однос на истиот период лани, додека странските иматели на платежни картички реализирале онлајн трансакции кон македонските е-трговци во вредност од 16.2 милиони евра, што претставува раст од 32.5%. Овој тренд покажува дека домашните е-продавници сè повеќе успеваат да привлечат и купувачи од странство.

Од друга страна, македонските потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски е-продавници, при што во првиот квартал реализирале онлајн трансакции во вредност од 109.71 милиони евра, што претставува раст од 20.3% во однос на истиот период минатата година.

Покрај растот на вредноста, продолжува да расте и бројот на онлајн купувања. Во првиот квартал од 2026 година биле реализирани 7 662 илјади онлајн трансакции, што претставува раст од 16% во однос на истиот период минатата година. Притоа, кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции изнесува 3 966 и е за 17.5% повеќе во однос на истиот период лани. 

Најголем пораст на бројот на направените е-трансакции од 44.4% е забележан од странски иматели на платежни картички кон домашни е-трговци, што дополнително го потврдува зголемениот интерес на странските купувачи за македонските онлајн продавници. Во меѓувреме, домашните иматели на платежни картички кон странски е-трговци реализирале 3 270 трансакции, што претставува раст од 12.2%.

 „Податоците за првиот квартал од 2026 година потврдуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува стабилно да расте. Двоцифрениот раст и на вредноста и на бројот на онлајн трансакции покажува дека дигиталното купување станува сѐ повообичаен избор за потрошувачите. Особено охрабрува фактот што расте купувањето кај домашните е-трговци, како од домашните, така и од странските купувачи. Растот од над 32% во вредност и над 44% во број на трансакции од странски картички кон домашни е-трговци е показател дека македонските компании стануваат поконкурентни и надвор од домашниот пазар.  Во исто време, анализата покажува дека просечната вредност на трансакциите кај домашните е-продавници благо се намалува, што укажува дека потрошувачите купуваат почесто. Тоа е позитивен сигнал дека онлајн купувањето станува дел од секојдневните навики, а не само канал за повремени или поголеми набавки. Дополнително, позитивен сигнал е што во текот на првото тромесечје се регистрирани 59 новоотворени онлајн продажни места. Тоа покажува дека сѐ повеќе компании ја препознаваат е-трговијата како можност за раст и инвестираат во сопствено дигитално присуство, со што се збогатува понудата за домашните потрошувачи и се создаваат подобри услови за понатамошен развој на секторот. Овие резултати се дополнителен поттик да продолжиме да работиме на подобрување на условите за е-трговија, зголемување на довербата во дигиталните плаќања, поддршка на домашните компании и создавање поконкурентен дигитален пазар”,- вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.

Иако вкупната вредност на онлајн купувањата продолжува да расте, анализата покажува дека просечната вредност на една трансакција кај домашните е-продавници благо се намалува. Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се намалила од 36 на 35.3 евра односно за 2.2%. Овој тренд е во согласност со фактот дека бројот на трансакции кој бележи раст од 17.5% расте побрзо од нивната вкупна вредност која бележи раст од 15%, што укажува дека македонските потрошувачи трошат помалку по трансакција кај домашните продавници.

Кај странските картички кон домашните е-трговци, просечната вредност се намалила од 41.3 на 37.9 евра што представува намалување од 8.2%, што исто така укажува дека странските купувачи реализираат повеќе поединечни купувања. Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност пораснала од 31.3 на 33.6 евра, што претставува пораст од 7.3%.

Вкупно, просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала 34.7 евра, што претставува раст од 1.5% во однос на истиот период минатата година.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП