ПочетнаКОМПАНИИ„Micron“ ги зголемува инвестициите во САД на 250 милијарди долари

„Micron“ ги зголемува инвестициите во САД на 250 милијарди долари

Американската технолошка компанија „Micron Technology“ најави дека ќе ги зголеми инвестициите во изградба на нови фабрики за производство на чипови во САД на 250 милијарди долари, со цел да одговори на рекордната побарувачка за мемориски чипови, поттикната од брзиот развој на вештачката интелигенција.

Новата инвестиција е за 50 милијарди долари поголема од претходно најавениот план од 200 милијарди долари. Средствата ќе бидат насочени кон проширување на производствените капацитети во сојузните држави Њујорк, Ајдахо и Вирџинија.

Компанијата очекува инвестициите да бидат реализирани до 2035-та година, со што има цел 40 проценти од своите DRAM мемориски чипови да ги произведува во САД.

„Micron“, како и останатите производители на мемориски чипови, бележи огромен раст на побарувачката поради експанзијата на центрите за податоци и системите за вештачка интелигенција. Современите AI процесори користат значително поголеми количини меморија, поради што производителите ги пренасочуваат производствените капацитети кон овој сегмент од пазарот, каде што можат да остварат и повисоки приходи.

Големата побарувачка за мемориски чипови веќе предизвикува недостиг на компоненти во повеќе индустрии, меѓу кои потрошувачката електроника и автомобилската индустрија. Поради тоа, „Apple“ неодамна ги зголеми цените на уредите од сериите „Mac“, „iPad“, домашните уреди и „Vision Pro“, настојувајќи да ги надомести повисоките трошоци предизвикани од недостигот на мемориски чипови.

„Micron“ ги претстави новите инвестициски планови пред настан организиран во близина на новата фабрика во Њујорк, на кој се очекува да присуствуваат претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, меѓу кои и министерот за трговија Хауард Латник.

Латник ја поздрави одлуката на компанијата, оценувајќи дека тоа е доказ дека „никогаш немало подобро време за инвестирање во САД“.

Проширениот инвестициски план на Micron следува по најавите на „Samsung Electronics“ и „SK Hynix“, кои во следните неколку години планираат заеднички да инвестираат 880 милијарди долари во нови производствени капацитети во САД. Воедно, „SK Hynix“ се подготвува за котирање на американските берзи, со што би можела да обезбеди речиси 27 милијарди долари свеж капитал.

„Micron“ најави и дополнителни 3 милијарди долари за зајакнување на домашниот синџир за снабдување со полупроводници, од кои 500 милиони долари ќе бидат стратешка инвестиција во тајванскиот производител на силициумски плочи „GlobalWafers“.

Американската влада последниве години интензивно инвестира во развојот на домашното производство на полупроводници, по усвојувањето на Законот за чипови во 2022-ра година. „Micron“ е една од компаниите што добива поддршка преку оваа програма, заедно со „Intel“ и „Taiwan Semiconductor Manufacturing Company“ (TSMC).

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП