Владата на САД им вратила на компаниите 81 милијарда долари платени царини од почетокот на тековната фискална година, откако Врховниот суд ги ограничи овластувањата на претседателот Доналд Трамп за воведување дел од царинските стапки на увозот.
Според податоците на американското Министерство за финансии, од октомври 2025-та година досега на компаниите им се вратени вкупно 81 милијарда долари. За споредба, во текот на целата претходна фискална година биле вратени само 5 милијарди долари.
Претставник на Министерството за финансии изјавил дека најголемиот дел од исплатените средства е директно поврзан со одлуката на Врховниот суд од февруари, според која претседателот ги надминал своите законски овластувања при воведувањето на значителен дел од царините. Најголемите враќања на средства биле реализирани во мај и јуни, откако погодените компании поднеле барања за поврат на платените давачки. Во април, Американската царинска и гранична служба (CBP) соопшти дека отворила онлајн-портал преку кој компаниите можат да поднесуваат барања за враќање на царинските давачки.
Царините на увозот се еден од главните инструменти на трговската политика на претседателот Доналд Трамп. Администрацијата ги користи и за зголемување на буџетските приходи и поттикнување на домашното производство во САД, но и како средство за притисок во меѓународните трговски и геополитички преговори.
Сепак, големите поврати на средства веќе имаат значително влијание врз јавните финансии. Според Министерството за финансии, буџетскиот дефицит на САД во првите девет месеци од фискалната 2026-та година достигнал 1,367 трилиони долари, што претставува раст од 2 проценти во споредба со истиот период лани.
Во меѓувреме, продолжуваат да растат и трошоците за сервисирање на државниот долг. За првпат, каматните плаќања надминале 1 трилион долари во период од девет месеци, што е зголемување од 14 проценти во однос на претходната година.
Воените расходи, исто така, се зголемиле за 5 проценти, како последица на војната со Иран.



