Загубите од платежни измами во Европската економска област (ЕЕО) достигнале 4,2 милијарди евра, што претставува раст од 17 проценти во однос на претходната година, покажуваат најновите анализи на европските институции презентирани на настан за превенција од финансиски измами.
Најголеми финансиски штети предизвикуваат измамите со кредитни трансфери, со вкупни загуби од 2,5 милијарди евра, додека измамите со платежни картички достигнале 1,3 милијарди евра.
Најбрзо се шират таканаречените авторизирани измами (APP Scam), при кои измамниците преку психолошка манипулација ги убедуваат жртвите самите да им префрлат пари. Во некои европски земји ваквите измами бележат раст од повеќе од 55 проценти.
Експертите предупредуваат дека со развојот на инстант плаќањата, традиционалните безбедносни проверки веќе не се доволни, бидејќи современите измами се изведуваат за само неколку секунди.
Поради тоа, Европската Унија подготвува нов пакет правила – „PSD3“ и Регулативата за платежни услуги (PSR), со кои банките и останатите даватели на платежни услуги ќе бидат обврзани во реално време да ги следат трансакциите и, доколку постојат сомнежи за измама, веднаш да ги запрат.
Новите правила предвидуваат и задолжителна проверка на примателот на уплатата, размена на информации меѓу финансиските институции и административни санкции за оние што нема да ги почитуваат обврските.
„Измамата не започнува со трансферот на парите. Таа е низа од навидум легитимни активности – како промена на лозинка, додавање нов уред и зголемување на лимитот. Ако го чекаме самиот трансфер, веќе сме задоцниле“, предупредуваат експертите за финансиски измами.
Конечните текстови на новата европска регулатива се очекува да бидат објавени до крајот на годината, по што финансиските институции ќе имаат 21 месец да се усогласат со новите правила.



