Кинескиот автомобилски гигант „Geely“ го претстави новиот „Galaxy Cruiser 700“, теренец инспириран од моделите „Land Rover Defender“ и „Toyota Land Cruiser“, кој со својата технологија се вбројува меѓу најмоќните SUV возила во светот.
Погонот го сочинува комбинација од 2,0-литарски турбо бензински мотор и дури три електромотори – еден напред и два назад. Вкупната моќност на системот изнесува импресивни 1.113 коњски сили, што е повеќе од двојно во споредба со најмоќниот „Defender Octa“, кој располага со 533 коњски сили.

Станува збор за „plug-in“ хибрид, кој благодарение на батеријата со капацитет од 70 kWh и 900-волтната електрична архитектура, може да помине до 350 километри исклучиво на електрична енергија. „Geely“ засега не објави информации за брзината на полнење, но се очекува поддршка за ултрабрзо дополнување на батеријата.
Покрај огромната моќност, „Galaxy Cruiser 700“ носи и напредни теренски способности. Опремен е со интелигентен погон на сите четири тркала управуван од вештачка интелигенција, со можност за возење со погон на предните, задните или на сите тркала.

Возилото располага и со активна распределба на вртежниот момент, функција „crab walk“ што овозможува дијагонално движење, како и можност за вртење во место како тенк.
Дизајнот се одликува со робусни линии, осветлено лого на „Geely“, црвени куки за влечење, изразени проширувања на калниците, „LiDAR“ сензор поставен на покривот и резервно тркало сместено на задната врата.

Внатрешноста ги следи современите трендови. Во централниот дел на контролната табла доминира голем екран на мултимедијалниот систем, а посебно внимание привлекуваат масивната рачка на менувачот, металните ротирачки прекинувачи и големиот број физички команди, што особено ќе им се допадне на љубителите на офроуд возењето.
„Geely“ засега не соопшти кога „Galaxy Cruiser 700“ ќе пристигне на пазарот, ниту колку ќе чини, но јасно е дека кинеските производители продолжуваат да ги поместуваат границите во сегментот на електрифицираните теренци.




