Камче од плажа, малку песок во шише, школка за спомен од летување. На прв поглед, ситница. Гест што многумина го правеле без многу размислување. Но, на грчките плажи таквата навика може скапо да чини, особено ако станува збор за заштитени крајбрежни зони. Казните за земање природен материјал од плажа, според правилата што се применуваат за заштита на крајбрежјето, може да достигнат и до 1.000 евра.
Грција последниве сезони сериозно ги затегнува правилата на плажите. Причината е едноставна, масовниот туризам остава траги. Не само отпад и гужви, туку и ситни, речиси невидливи штети што со години се собираат. Ако секој турист си земе по едно камче или малку песок, плажата веќе не е истата. Не веднаш. Но полека, секое лето по малку.
Познавачи на туризмот велат дека најголемиот проблем е тоа што гостите често не го гледаат ова како прекршок.
„Луѓето мислат дека земаат спомен. Но, од аспект на заштита на плажите, тоа не е спомен, туку отстранување дел од природната средина“, објаснуваат туристички работници кои работат со гости во грчките летувалишта.
Особено чувствителни се плажите што се дел од заштитени подрачја, меѓу нив и оние во мрежата Натура 2000. Таму правилата се построги, затоа што песокот, школките, камчињата и растителниот свет се дел од систем што ја штити плажата од ерозија и ја одржува рамнотежата на живиот свет. На некои од најпознатите плажи, како оние со розев песок, бојата доаѓа токму од ситни остатоци од школки. Затоа земањето песок или школки не се третира како најобична туристичка навика.
Грчките власти паралелно воведоа и пошироки мерки за ред на плажите. Оваа година бројот на плажи со засилена заштита е зголемен на 251, а на дел од нив не се дозволени лежалки, чадори, барови, возила и други интервенции што го менуваат природниот изглед на брегот.
„Плажата не е само место за пешкир и за кафе. Таа е жив простор. Ако се наруши, штетата не се поправа лесно“, велат еколози кои со години предупредуваат дека крајбрежјето е под притисок од туристичкиот бум.
За туристите од Македонија ова значи едно, треба да се внимава и на она што дома изгледа како ситница. Не собирајте камчиња за саксија. Не полнете шише со песок. Не носете школки во торба, особено не од плажи каде има табли за заштита или предупредувања. А такви табли има сè повеќе.
Грција користи и дигитални алатки за контрола на плажите. Преку апликацијата MyCoast граѓаните и посетителите можат да видат кои концесии се активни и да пријават незаконско заземање на брегот или прекршување на условите за користење на плажата.
Економисти што го следат туризмот велат дека Грција се обидува да најде рамнотежа меѓу заработката од милиони гости и зачувувањето на природата од која, всушност, живее туризмот.
„Ако плажите се уништат, се губи производот што се продава. Тоа веќе не е само еколошко, туку и економско прашање“, велат тие.
Пораката за летово е едноставна. На грчка плажа уживајте, фотографирајте, пливајте, оставете пешкир каде што е дозволено. Но, не носете ништо дома од песокот. Освен слики, сол на кожа и сметка од таверна.
Сè друго може да испадне многу поскапо од сувенир од тезга.
Б.З.М.



