Европската Унија (ЕУ) планира да воведе систем за оценување на одржливоста на центрите за податоци, со цел да поттикне поголема енергетска и ресурсна ефикасност, бидејќи брзото проширување на овој сектор создава сè поголем притисок врз електроенергетските мрежи и животната средина, пренесува „Bloomberg“.
Европската комисија, извршното тело на ЕУ, планира подоцна овој месец да ја претстави новата регулатива, која ќе предвиди задолжителни електронски енергетски ознаки за новите и постојните центри за податоци. Целта е да се поттикне примена на нови решенија и технологии што ќе ја подобрат нивната ефикасност.
Според нацрт-документот до кој дошол „Bloomberg News“, предлогот има за цел да ја намали потрошувачката на електрична енергија и вода, да ја поттикне употребата на чиста енергија, како и повторното искористување на отпадната топлина за загревање на околните згради или за системите за централно греење.
Се очекува амбицијата на Европа да го прошири секторот за вештачка интелигенција и да го намали заостанувањето зад САД и Кина дополнително да ја зголеми потрошувачката на енергија во центрите за податоци. Според некои проценки, побарувачката за електрична енергија во овој сектор до крајот на деценијата ќе биде повеќе од двојно поголема во споредба со 2023-та година и ќе надмине три проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Европската Унија.
Европската комисија одби да ги коментира информациите, повикувајќи се на својата практика да не дава изјави за нацрт-документи.
Центрите за податоци што ги поддржуваат системите за вештачка интелигенција користат енергетски многу интензивни полупроводници и мораат да работат со полн капацитет во подолги временски периоди.
Извештајот на германскиот институт „Interface“, објавен во мај 2026-та година, покажува дека секој сервер во центар за податоци за вештачка интелигенција троши три до десет пати повеќе електрична енергија отколку сервер во класичен центар за податоци.
„Од оперативен аспект, кластер од центри за податоци за вештачка интелигенција со капацитет од 100 до 300 мегавати повеќе наликува на енергетски интензивен индустриски погон отколку на традиционална ИТ-инфраструктура поврзана со ограничена електроенергетска мрежа“, се наведува во извештајот.
Минатиот месец Европската комисија претстави стратегија чија цел е европските електроенергетски мрежи да бидат подготвени за дополнителната побарувачка на електрична енергија што ќе ја создаде развојот на вештачката интелигенција, притоа користејќи ја токму вештачката интелигенција и другите дигитални технологии за подобрување на енергетската ефикасност.



