ПочетнаАВТОБИЗСуперавтомобилот на „BYD“: За Европејците чини 200.000 евра, за Кинезите само 64.000

Суперавтомобилот на „BYD“: За Европејците чини 200.000 евра, за Кинезите само 64.000

Премиум брендот на кинескиот автомобилски гигант „BYD“, „Denza“, на Фестивалот на брзината во Гудвуд официјално го претстави својот нов суперавтомобил „Denza Z“ за европскиот пазар.

Спортскиот модел, кој премиерно беше претставен на Саемот за автомобили во Пекинг оваа пролет, има целосно електричен погон и развива дури 1.604 коњски сили.

Најбрзата верзија достигнува 350 километри на час

Од „BYD“ велат дека ова претставува „пресвртница“ за премиум сегментот и дека „Denza Z“ е „првиот интелигентен суперавтомобил во светот“. Во Европа ќе се нуди во три изведби – „Coupe“, „Spider“ и „Racing“. Најмоќната „Racing“ верзија достигнува максимална брзина од 350 километри на час.

„Denza Z“ е првиот модел изграден на новата платформа „e3“ на „BYD“ и располага со три електромотори – еден на предната и два на задната оска. Верзијата „Racing“, доколку е опремена со полуслик гуми кои се нудат како дополнителна опрема, забрзува од 0 до 100 km/h за само 1,96 секунди.

Верзијата „Coupe“ го постигнува истиот спринт за 2,25 секунди, додека „Spider“ забрзува за 2,3 секунди.

Волан без механичка врска со тркалата

Платформата „e3“ е првата во Кина што ја користи технологијата „steer-by-wire“, односно управување без механичка врска меѓу воланот и тркалата. Според инженерите на „BYD“, ова овозможува попрецизно управување и поголема ефикасност.

Сите верзии се опремени со новата батерија „BYD Blade 2.0“ со капацитет од 76 kWh. Според WLTP тестирањата, „Coupe“ има автономија до 410 километри, додека „Racing“ може да помине 380 километри со едно полнење.

Батеријата може да се наполни од 10 до 70 проценти за само пет минути.

Суспензијата може и да „танцува“

„Denza Z“ е првиот модел во Европа што го користи новото магнетореолошко потпирање „Disus-M“, развиено од „BYD“. Овој систем му овозможува на автомобилот да прескокнува пречки, па дури и да „танцува“.

Автомобилот е долг 4,78 метри, што го прави малку поголем од „Porsche 911“, но и значително потежок.

Во внатрешноста доминираат два големи екрани – 8,8-инчен дигитален инструмент-панел и 12,8-инчен мултимедијален екран со интегрирани услуги на „Google“.

Во Европа чини трипати повеќе отколку во Кина

Засега „Denza“ ги објави цените само за британскиот пазар. Основната „Coupe“ верзија ќе чини околу 168.000 евра, додека најмоќната „Racing“ ќе достигне цена од 203.150 евра.

Иако кинеските автомобили традиционално се поскапи на странските пазари, разликата во овој случај е огромна. Во Кина сè уште нема официјален ценовник, но извори од „BYD“ за локалните медиуми потврдиле дека цените ќе се движат меѓу 400.000 и 500.000 јуани, односно од 51.250 до 64.000 евра.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП