ПочетнаЕКОНОМИЈАДа молиш мајстор да дојде, па уште и да не знаеш колку...

Да молиш мајстор да дојде, па уште и да не знаеш колку ќе те чини

Да се најде добар мајстор денес стана речиси исто како да се бара лекарски термин во шпиц сезона. Ќе се јавиш кај еден, зафатен е. Кај втор, не крева. Третиот ќе дојде „деновиве“ да види што има за работа, па ќе исчезне. А кога конечно ќе се појави некој со алат во рака, цената најчесто не се знае однапред. Се дознава на крај. Кога веќе е доцна да се расправаш.

Плочки, молерисување, струја, водовод, фасада, поправка на кров, монтажа на врати, кујна по мерка, парно, клима. Работи што некогаш се договараа со еден телефонски повик, сега се планираат со недели, понекогаш и со месеци. Особено ако станува збор за добар мајстор, од оние што „не оставаат хаос зад себе“.

Граѓаните најмногу се жалат на две работи: тешко се наоѓа човек за работа, а уште потешко се добива јасна цена пред почетокот.

„Му велам кажи ми отприлика колку ќе чини, да знам дали да почнувам. Тој ми вика ќе видиме кога ќе завршиме. Е па како ќе видиме? Не купувам мастика од трафика“, раскажува скопјанец кој со недели барал мајстор за реновирање бања.

Ова веќе не е само нервоза на домаќинства што реновираат стан. Економистите велат дека недостигот од занаетчии станува реален пазарен проблем.

Побарувачката е голема, понудата сè помала, а цените се движат според тоа колку мајсторот има работа, а не секогаш според обемот на работата.

„Кога една услуга е дефицитарна, цената природно расте. Но проблемот е што кај нас често нема јасен ценовник, нема писмена понуда, нема рокови и нема одговорност ако работата се одложи“, велат економисти кои го следат пазарот на услуги.

Во пракса, тоа изгледа вака: мајсторот доаѓа, гледа, мери со око, кажува дека „не е страшно“, па по неколку дена почнува работа. Потоа излегува дека ѕидот бил крив, цевката стара, кабелот лошо пуштен, лепакот поскапел, материјалот не бил пресметан, а и „ова не беше договорено“. На крај, сумата е сосема друга.

Не секогаш станува збор за измама. Познавачи на градежниот сектор велат дека дел од проблемот е и во лошата навика работите да се договараат усно, набрзина, без детална проценка. Кај малите интервенции тоа можеби поминува. Кај реновирање стан, не.

„Граѓаните треба да бараат понуда пред почеток на работата. Не мора тоа да биде договор на десет страници, но мора да има јасна цена за рака, материјал, рок и што точно влегува во работата“, објаснуваат познавачи на пазарот.

Од другата страна, мајсторите се жалат дека и тие имаат проблеми. Велат дека луѓето често бараат „само да се среди нешто ситно“, а на терен излегува дека работата е двојно поголема. Дел од нив тврдат дека не сакаат однапред да кажат конечна цена затоа што не знаат што ќе најдат кога ќе почнат да кршат, копаат или отвораат ѕидови.

„Не можеш да дадеш иста цена за бања во нова зграда и за бања во стан стар 40 години. Едно гледаш однадвор, друго излегува кога ќе се отвори“, велат занаетчии.

Сепак, граѓаните бараат барем ред. Ако цената не може да биде точна до денар, може да има распон. Ако рокот не може да биде гарантиран, може да има приближна динамика. Ако нешто дополнително се појави, да се каже веднаш, а не на крај кога сметката веќе е напишана.

Најбарани се мајсторите за бањи, кујни, електрика, водовод и фасади. Во лето дополнително се бараат молери, мајстори за клими, кровови и дворови. Тогаш цените уште повеќе скокаат, затоа што сите сакаат да завршат „пред одмор“ или „пред зима“. А мајстори нема доволно.

Економистите посочуваат дека ова е последица и на долгогодишното потценување на занаетите. Со години младите се туркаа кон факултет, канцеларија и работа „на компјутер“, додека занаетот се гледаше како нешто помалку вредно. Сега пазарот си ја наплаќа сметката. Добар плочкар, водоводџија или електричар може да заработи повеќе од многу канцелариски работници.

И тука нема ништо чудно. Чудно е што сè уште се договара како пред 30 години, со „ќе се разбереме“.

А токму тоа „ќе се разбереме“ најчесто најскапо ги чини граѓаните. Не затоа што секој мајстор сака да ги измами. Туку затоа што кога нема јасен договор, секој си ја толкува работата по свое. Едниот мисли дека сè е вклучено. Другиот мисли дека само раката е договорена. И тогаш почнуваат расправиите.

На крај, добриот мајстор денес вреди злато. Но и добриот договор вреди речиси исто толку. Затоа што кога ќе се затвори вратата, ќе се собере алатот и ќе се извади сметката, тогаш веќе не се бара мајстор. Тогаш се бараат нерви.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП