Акционерите на Крка Групацијата беа запознаени со годишниот извештај за 2025 година и извештајот на ревизорот на собранието, а беше усвоена и одлуката за распределба на акумулираната добивка за претходната година.
Од минатогодишната нето добивка од 392,571 милиони евра, најголемиот дел, односно 275,52 милиони евра, ќе бидат исплатени преку дивиденди. Ова претставува бруто дивиденда од 9,1 евро по акција, што е за 10,3 проценти повеќе од минатата година. Исплатата на акционерите ќе започне на 23 јули..
Според проценките, во првата половина од годината, Крка Групацијата остварила приходи од продажба од 1,12 милијарди евра, што е за седум проценти повеќе од истиот период минатата година. Најголем придонес во приходите имаше Источна Европа, каде што беше остварена продажба во износ од 405,2 милиони евра, при што лековите што се издаваат на рецепт учествуваат со 84,7 проценти од вкупната продажба.
„Ја зголемивме продажбата во пет продажни региони и на повеќето пазари. Сите клучни деловни резултати во првата половина од годината се најдобри во историјата на Крка“, изјави Јоже Колариќ, претседател на менаџментот на компанијата.
EBITDA достигна 357,5 милиони евра, што е речиси за една петтина повеќе во однос на првата половина од минатата година, додека EBIT изнесуваше 309,2 милиони евра, исто така околу 20 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Нето добивката достигна 260,2 милиони евра, што претставува раст од пет проценти во споредба со првата половина од минатата година. Маржата на EBITDA изнесуваше 31,9 проценти.
Компанијата лансираше седум нови производи – шест лекови што се издаваат на рецепт и еден ветеринарен производ за домашни миленици. Како што е наведено во соопштението, продолжи реализацијата на сите клучни инвестициски проекти во земјата и странство, кои првенствено се насочени кон зголемување на производствениот капацитет и зајакнување на моделот на вертикална интеграција. Проценето е дека за инвестиции во првата половина од годината се издвоени 52,8 милиони евра.
На редовниот состанок на 22 јули, Надзорниот одбор ќе ги разгледа неревидираните деловни резултати на групацијата Крка и компанијата Крка за првата половина од годината.
Врз основа на постигнатите резултати, компанијата очекува да ги исполни планираните цели до крајот на годината – приходи од продажба од 2,144 милијарди евра и нето добивка од 405 милиони евра.
Инвестициите првенствено ќе бидат насочени кон зголемување и модернизација на производствените капацитети и инфраструктурата, за што ќе бидат издвоени повеќе од 140 милиони евра. Крка, исто така, наведува дека изградбата на производствениот капацитет во компанијата Крка Фарма Приватни Лимитед во Индија продолжува според планот.



