Поголема транспарентност, посилна заштита на корисниците, поефикасен надзор и модернизирана регулаторна рамка усогласена со европските стандарди се клучните новини што ги носат измените на Законот за финансиски лизинг. Измените усвоени од Собранието, претставуваат еден од осумте чекори што Министерството за финансии ги реализира во рамки на Реформската агенда.
Новите законски решенија се однесуваат на условите за основање и работење на давателите на финансиски лизинг, корпоративното управување, механизмите за надзор, транспарентноста во работењето и заштитата на корисниците на финансиски лизинг. Новите правила носат појасни договори, можност за предвремена отплата без дополнителни трошоци, поголема контрола врз работењето на лизинг-компаниите и повисоки стандарди за заштита на корисниците.“
Со цел зголемување на транспарентноста и заштитата на корисниците, со измените се прецизираат задолжителните елементи што треба да ги содржи секој договор за финансиски лизинг, вклучително и сите надоместоци поврзани со лизингот. Дополнително, се овозможува договорите за финансиски лизинг да се склучуваат и во електронска форма, доколку се исполнети условите согласно прописите за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, како и прописите за спречување перење пари, заштита на лични податоци и други релевантни прописи.
Со измените се воведува можност корисникот на финансиски лизинг во секое време целосно или делумно да ги отплати преостанатите обврски согласно амортизацискиот план, без дополнителни трошоци. Со тоа се обезбедува и право на намалување на вкупните трошоци за преостанатиот период од договорот.
Дополнително, се зајакнува заштитата на корисниците преку прецизирање дека давателот на финансиски лизинг не може да го користи предметот на финансискиот лизинг како залог без претходна писмена согласност од корисникот. Согласноста треба да биде дадена пред нотар, во посебен документ – изјава, одвоена од договорот за финансиски лизинг и општите услови, со јасно наведување на правните последици од таквата согласност.
Давателите на финансиски лизинг ќе имаат обврска да ги објавуваат годишните финансиски извештаи, заедно со извештајот и мислењето на овластениот ревизор, на своите интернет-страници. На овој начин, физичките и правните лица како корисници на лизинг ќе имаат можност за подобар увид во работењето на друштвата за лизинг пред воспоставување деловен однос. Со измените се зајакнува и надзорот преку унапредување на прекршочните одредби, како и финансиската стабилност на давателите на финансиски лизинг преку зголемување на минималниот износ на основната главнина од 6.000.000 на 30.000.000 денари. Во насока на зајакнување на интегритетот на субјектите што вршат финансиски лизинг, со измените се имплементираат и препораките на MONEYVAL Комитетот при Советот на Европа во областа на спречувањето на перење пари и финансирањето на тероризам. Се воведуваат критериуми за соодветност и репутација што треба да ги исполнуваат основачите и членовите на органите на управување на давателите на финансиски лизинг.



