ПочетнаКОМПАНИИ„Microsoft“ ќе отпушти 3.200 вработени во одделот „Xbox“

„Microsoft“ ќе отпушти 3.200 вработени во одделот „Xbox“

Американската технолошка компанија „Microsoft“ најави дека ќе отпушти околу 3.200 вработени во својот оддел за видеоигри „Xbox“, кој ја произведува истоимената гејмерска конзола. Ова претставува едно од најголемите преструктурирања во историјата на компанијата.

„Денес нашиот бизнис не е во добра состојба“, изјавила извршната директорка на „Xbox“, Аша Шарма, во електронска порака испратена до вработените, која подоцна беше објавена и на социјалната мрежа „X“.

Според Шарма, дел од работните процеси во моментов поминуваат низ премногу менаџерски нивоа, а сложената организациска структура го забавува донесувањето одлуки.

Со најавеното преструктурирање бројот на менаџерски нивоа ќе биде намален на најмногу пет, а таму каде што е можно и на само три.

Шарма посочи дека 1.600 работни места ќе бидат укинати веднаш, додека останатите отпуштања ќе се реализираат во текот на следните 12 месеци. Воедно, четири студија за развој на видеоигри ќе ја напуштат групацијата.

Извршната директорка истакна дека во последните години е забележан пад на бројот на корисници, како и на времето што играчите го поминуваат на платформата „Xbox“.

Според неа, преструктурирањето има цел да обезбеди идниот раст на „Xbox“, со амбиција компанијата во иднина да достигне повеќе од една милијарда активни корисници дневно.

„Microsoft“ веќе отпушти илјадници вработени во секторот за видеоигри по завршувањето на аквизицијата на компанијата „Activision Blizzard“, развивач на популарната игра „Call of Duty“, која беше купена за околу 69 милијарди долари кон крајот на 2023-та година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП