ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија забрани извоз на дизел за да ги обезбеди домашните резерви

Русија забрани извоз на дизел за да ги обезбеди домашните резерви

Русија воведе забрана за извоз на дизел како дел од мерките за стабилизирање на домашниот пазар на горива, откако континуираните украински напади со беспилотни летала врз нафтените рафинерии предизвикаа недостиг и раст на цените во одделни делови од земјата.

Возачите во повеќе руски региони се соочуваат со долги редици на бензинските пумпи, бидејќи засилените украински напади врз енергетската инфраструктура ја ограничуваат испораката на дизел и бензин.

Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека состојбата со снабдувањето со горива и натаму е сложена и призна дека „актуелната ситуација на бензинските пумпи предизвикува загриженост кај јавноста“.

„Денес беше воведена забрана за извоз на дизел гориво, што ќе овозможи поголеми количини да останат на домашниот пазар“, изјави Новак, додавајќи дека Русија во текот на јули ќе започне и со увоз на гориво.

Руската влада соопшти дека забраната, која се однесува и на производителите на гориво, ќе биде во сила до 31-ви јули.

Според податоците, извозот на руски дизел и гасно масло во јуни се намалил за 39 проценти во споредба со претходниот месец, достигнувајќи околу 1,8 милиони тони, додека на годишно ниво падот изнесува 46 проценти.

Недостигот на гориво веќе создава проблеми и во снабдувањето со прехранбени производи во големите трговски синџири во Русија. Компаниите ја оценуваат состојбата како виша сила и најавуваат дека нема да плаќаат казни поради доцнењето на испораките.

Според весникот „Известија“, проблеми со логистиката има дури и во Санкт Петербург, каде транспортните компании не успеваат навреме да ги достават производите до дистрибутивните центри, што предизвикува прекини во синџирите на снабдување.

Весникот наведува дека проблемите се поврзани со нападите врз руските рафинерии, потсетувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин на 29-ти јуни изјавил дека се преземаат мерки за надминување на недостигот од гориво.

„Bloomberg“ објави дека бензин снемало и на бензинските пумпи во Новоросијск, каде се наоѓа еден од најголемите руски терминали за извоз на нафта. Проблеми се забележани и во туристичкиот град Анапа, каде е воведено ограничување од најмногу 20 литри бензин по полнење.

Најтешка е состојбата на окупираниот Крим, каде што, покрај прекините во снабдувањето со гориво поради украинските напади со дронови, се регистрирани и напади врз енергетски објекти. Локални извори наведуваат дека дел од продавниците и рестораните работат со ограничен капацитет, некои бизниси се затворени, а летната туристичка сезона на полуостровот е сериозно нарушена.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП