Ограничувањата на Европската Унија за финансирање кинески инвертори за соларни и ветерни електрани би можеле да го забават или дури и да го спречат развојот на проекти за обновлива енергија.
Поточно, тие би можеле да го забават или дури и да го спречат развојот на проекти за обновлива енергија во посиромашните земји-членки кои се потпираат на средства од ЕУ, предупредија денес 36 енергетски компании и инвеститори.
Во мај, Европската комисија ја забрани употребата на европски средства за набавка на споменатите компоненти од земји кои се сметаат за високоризични, вклучувајќи ја и Кина, наведувајќи безбедносни ризици, објави Ројтерс.
Кина во моментов обезбедува околу 70 проценти од европскиот пазар за инвертори, кои се клучна компонента на соларните, ветерните и батериските системи.
Во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претставниците на индустријата изјавија дека европските производители во моментов немаат доволен капацитет да го компензираат кинеското снабдување, што ги зголемува трошоците, ги одложува проектите и ги забавува инвестициските одлуки, особено во земјите од Централна и Источна Европа.
Помеѓу 2026 и 2030 година, ограничувањата би можеле да влијаат на околу 14 проценти од проектите за соларна енергија и 12 проценти од проектите за складирање енергија во Европа, при што Романија, Чешка и Грција се меѓу најизложените, според проценката на консултантската куќа „Вуд Мекензи“.
Претставниците на компаниите предложија Европската Унија, наместо да го ограничи увозот на кинеска опрема, да воведе регулативи што би спречиле далечински пристап на производителите до инвертерите по нивната инсталација во европската електрична мрежа.
Сепак, некои синдикални претставници веруваат дека таков пристап нема да обезбеди доволна заштита од потенцијални безбедносни закани.



