Институтот за економски анализи и политики Finance Think под лупа ги стави владините ветувања од предизборието, а особено оние клучни кои за граѓаните доколку се исполнат ќе значат подобрување на квалитетот на живот. Сите тие звучеа многу убаво од партиските говорници на митинзите, многу добро беа напишани во промотивните материјали кои се делеа во предизборието, но прашањето сега експертиоте јавно го поставуваат, што од тоа е започнато со реализација, до каде се проектите кои се клучни за граѓаните.
Анализата е заснована на систематско следење на Владината програма за периодот 2024-2028. Идентификувани се 44 квантифицирани или операционализирани ветувања за кои постои мерлив индикатор.
Осум показатели се во позитивна насока, но три отстапуваат значително. Инфлацијата останува упорно висока 4,1% во 2025 наспроти ветени 2,5%, странските директни инвестиции нагло паднаа на само 1,5% од БДП во 2024: 6,6%, а сивата економија мерена според уделот на неформални работници во вкупната вработеност се зголеми. Невработеноста опаѓа побавно од ветеното.
Невработеноста бележи позитивен тренд, но заостанува зад програмата, а таргетот за 2025 беше 10,7%, а остварено е 11,5%. За да се достигне целта од 7,5% до 2028, во наредните две години ќе треба намалување за 4 п.п. – двојно побрзо од сегашниот темпо.
„Падот на СДИ е делумно резултат на глобалните услови – трговски тензии меѓу САД и Кина, американски царини и забавување на европскиот инвестициски циклус. Меѓутоа, истовремено ова е индикатор за домашен структурен проблем: Владата сè уште не ја ревидирала стратегијата за привлекување СДИ. Оттука, иако дел од падот е цикличен и глобално условен, отсуството на нов пристап кон СДИ го зголемува ризикот земјата постепено да ја губи конкурентноста во привлекувањето извозно ориентирани инвестиции“, стои во анализата на Finance Think.
Анализата открива дека во делот на јавните финансии, забележителна е блага фискална консолидација, односно постепено стеснување на буџетскиот дефицит и одржување на јавниот долг блиску до психолошката граница од 60% од БДП. Сепак, буџетскиот дефицит останува над ветените вредности, во одредена мера движено и од потребата да се поддржи економскиот раст во пост-кризни и кризни услови, додека јавниот долг во 2025 година оствари вредност пониска од ветената.
„Ветувањето за платите во јавната администрација, на просветните, здравствените, културни и социјалните работници, на вработените во судството, полицијата, заслужува посебно внимание. Иако не е прецизно наведено, во оваа анализа ова ветување се анализира преку споредба на реалниот раст на платите со реалниот раст на економијата. Во таа смисла, реалниот раст на платите во јавниот сектор во 2025 година изнесува само 1.9%, и заостанува зад реалниот раст на економијата, меѓутоа следи на огромен реален раст во претходната година од 16.9%. Според тоа, нема оправдување за повисок пораст на платите во јавниот сектор, и покрај тоа што квантитативно ова ветување е во спротивна насока од ветената во текот на 2025 година. Доколку пак се спореди номиналниот пораст на платите со реалниот пораст на економијата, тогаш остварувањето ќе може да се смета во линија со ветувањето“, велат експертите.
Единственото исполнето ветување сврзано со поддршката на приватниот сектор е зголемувањето на буџетот на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ова според Институтот може да претставува важен чекор кон институционално зајакнување на Комисијата и создавање поголем капацитет за поефикасна заштита на конкуренцијата на пазарот. Капиталните инвестиции, ветени на минимум 750 милиони евра годишно, остануваат на само 62% реализација односно 462 милиоми евра во 2025. Експертите потсетуваат дека во Буџетот 2026 година, за првпат проектираното ниво на капитални инвестиции се намали, бидејќи долг низ години остварувањето беше значајно под реализацијата, следејќи го истиот образец, висока проекција на капитал инвестиции а потоа кратење со ребалансите на буџетот и на крајот реализација и под скратениот обем на капитални инвестиции. Тоа според експертите е доказ дека постојаното потфрлање кај капиталните инвестиции не е само буџетски проблем, туку директно влијае врз долгорочниот потенцијал за раст, продуктивност и инфраструктурна модернизација.
„Буџетот за финансиска поддршка на земјоделието бележи опаѓачки тренд: 148,8 милиони евра во 2024 (83% од ветеното), 124,3 милилони евра во 2025 (69%), и само 116,5 милилони евра во 2026. Проекцијата за 2026 е далеку под ветеното од најмалку 180 мииони евра годишно. Од Finance Think се децидни, континуираното намалување на поддршката може дополнително да ја ослаби конкурентноста и инвестициската активност во сектор кој веќе се соочува со ниска продуктивност и демографско празнење на руралните средини. Меѓутоа, отсуството на детална оценка на влијанието на земјоделските субвенции и спроведување евентуални предлози за нивно реструктуирање во насока на создавање подобри резултати, исто така, е релевантно ограничување во однос на арбитрарно зголемување на срествата за финансиска поддршка на земјоделието“, стои во анализата на Finance Think.
Социјалата е областа со најнизок степен на исполнување. Сите пет следени ветувања за зголемување на надоместоците за ранливи категории граѓани и семејства се неисполнети, со потфрлања кои варираат од 6% до 31% под ветеното ниво. Потфрлањето е особено изразено кај паричната помош за квадриплегичари и посебниот додаток. Ниту еден надоместок не го достигнал ветеното ниво, ова претставува систематски неуспех во заштитата на најранливите категории граѓани. Со оглед дека станува збор за категории со ограничен капацитет за самостојна заштита од доходни шокови, ваквото заостанување има потенцијал да ја продлабочи социјалната ранливост.
„Ветувањето за зголемување на пензиите за 5.000 денари е исполнето во две рати по 2.500 денари (2024 и 2025), како и последователни зголемувања за 2.000 денари (2025 и 2026). Но, ваквите зголемувања имаат сериозни фискални импликации и ја нарушија патеката за постепено консолидирање на дефицитот на ФПИОСМ. Ова ја засилува потребата од подлабока пензиска реформа, бидејќи растот на расходите без паралелно проширување на приходната база создава дополнителен притисок врз фискалната одржливост на системот. Реформата за унификација на минималните пензии и изградбата на домови и центри за стари лица не покажуваат напредок“, стои во анализата.
Од Институтот објавија и препораки до властите, потребна е транспарентна ревизија на програмата. Владата треба јавно да ги прегледа сите 44 мерливи ветувања и да претстави конкретен план за реализација или да ги ревидира нереалистичните таргети. Итно зголемување на социјалните надоместоци. Сите пет следени надоместоци заостануваат 6–31% зад ветеното. Буџетот за 2027 треба приоритетно да ги затвори овие дефицити. Да се направи ревитализација на капиталните инвестиции. Реализацијата од 62% е неприфатлива при постоење стратешка потреба. Стратегија за СДИ и системска борба со сивата економија. Реализација на даночните прилагодувања за бизнис секторот и за ранливите категории граѓани.
И.П



