Цените на електрониката веќе никогаш нема да бидат како пред короната – а нови поскапувања допрва се очекуваат
Периодот кога новата генерација уреди по правило беше поевтина од претходната практично заврши. Експертите предупредуваат дека следните години може да донесат нов бран поскапувања, а причината не е само една, туку цела низа глобални настани кои го променија начинот на кој се произведува современата електроника.
Сè започна со пандемијата на коронавирусот.
Затворањето на фабриките во текот на 2020-та и 2021-ва година, прекините во транспортот и наглиот раст на побарувачката за лаптопи, таблети и друга опрема поради работата и учењето од дома предизвикаа најголем недостиг на чипови во последните неколку децении.
Кога пазарот конечно се стабилизираше, се појави нов проблем.
Инфлацијата ги зголеми цените на енергијата, транспортот, работната сила и суровините, па производителите голем дел од тие трошоци ги префрлија врз потрошувачите. Во исто време, војната во Украина, трговските тензии меѓу САД и Кина, како и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување дополнително ја зголемија цената на производството.
Кон крајот на 2025-та година се појави уште еден фактор кој значително влијае врз пазарот.
Огромната побарувачка за мемориски чипови што ги користат системите за вештачка интелигенција доведе до тоа најголемите светски производители, како „Samsung“, „SK Hynix“ и „Micron“, сè поголем дел од производните капацитети да го насочуваат кон индустријата за вештачка интелигенција.
Последицата е едноставна – мемориските чипови за потрошувачка електроника стануваат поскапи.
Електрониката денес обработува повеќекратно повеќе податоци отколку пред само пет години
Растот на цените не е последица само на глобалните кризи. Денешните уреди едноставно извршуваат многу повеќе задачи од нивните претходници.
Пред пет години, повеќето корисници гледаа видео содржини во Full HD резолуција. Денес 4K и HDR станаа стандард, а сè повеќе се зборува и за 8K содржини.
Само еден час видео во 4K резолуција може да бара четири до пет пати повеќе податоци отколку видео во Full HD формат. Тоа значи дека телевизорите мора да имаат поголема меморија и посилни компоненти отколку моделите произведени во 2020 година.
Слична е ситуацијата и со мобилните телефони.
Телефон со 64 GB меморија пред неколку години беше сосема доволен за просечен корисник. Денес производителите сè почесто нудат основни модели со 128 или дури 256 GB меморија.
Причината е едноставна. Фотографиите денес имаат резолуција од 50 мегапиксели или повеќе, се снимаат 4K видеа, апликациите заземаат многу повеќе простор, а новите функции со вештачка интелигенција бараат дополнителна меморија за локална обработка на податоци.
Вештачката интелигенција троши меморија и кога не сме свесни за тоа
Вештачката интелигенција денес е достапна за сите и се наоѓа во нашите телефони, лаптопи, телевизори, па дури и во некои домашни уреди.
Функциите како автоматско уредување фотографии, превод во реално време, гласовни асистенти или создавање текст бараат значително повеќе RAM меморија и простор за складирање отколку класичните апликации.
Токму затоа производителите ја зголемуваат количината на меморија во речиси сите нови уреди, што дополнително ја зголемува нивната производна цена.
Поскапуваат и уредите за кои ретко размислуваме
Растот на цените не ги погодува само телефоните, компјутерите, конзолите и телевизорите. Речиси секој уред што содржи мемориски чипови станува поскап за производство.
Еден од најдобрите примери се сет-топ бокс уредите кои корисниците секојдневно ги користат за гледање телевизија преку кабелски и IPTV оператори.
Иако повеќето ги доживуваат само како приемници на телевизиски сигнал, денес тие обработуваат огромни количини податоци. Така, гледањето двочасовен филм во 4K резолуција преку сет-топ бокс може да пренесе меѓу 14 и 16 GB податоци.
Слична е ситуацијата и со паметните часовници, камерите, системите за паметни домови, безжичните слушалки и бројни други уреди кои денес содржат мемориски чипови.
Има ли причина да очекуваме поевтинување?
Одговорот, барем засега, не е особено оптимистички.
Најнапредните чипови во светот и понатаму во најголема мера ги произведува Тајван, кој се наоѓа во центарот на зголемените геополитички тензии со Кина. Секое посериозно нарушување во производството или транспортот би можело дополнително да ги зголеми цените на чиповите на светскиот пазар.
Кога на тоа ќе се додадат растечката побарувачка за меморија поради развојот на вештачката интелигенција, сè поголемата количина податоци што секојдневно ги создаваме и обработуваме, како и ограничените производни капацитети, станува јасно дека пониски цени на електрониката се малку веројатни.
Со други зборови, телефоните, компјутерите, телевизорите, сет-топ бокс уредите и речиси сите други електронски уреди што секојдневно ги користиме во иднина поверојатно е да бидат поскапи отколку поевтини.



