Германското Министерство за економија планира да создаде стратешки резерви на природен гас во вредност од 1,5 милијарди евра, објави „Reuters“, повикувајќи се на свои извори.
Целта е овие резерви да се користат во вонредни ситуации, како што се саботажи на енергетскиот систем или недостиг на природен гас на глобално ниво.
Предвидениот обем на резервите ќе изнесува 24 терават-часа, што е околу 10 отсто од вкупниот капацитет за складирање гас во Германија. Финансирањето ќе се обезбедува преку надоместок што ќе го плаќаат корисниците на гас во земјата.
Германија располага со најголем капацитет за складирање природен гас во Европската унија – околу 23 милијарди кубни метри. Овие резерви имаа клучно значење во периодот кога рускиот гас пристигнуваше преку гасоводи и се дистрибуираше и кон други делови од Европа.
Минатата година, германската енергетска компанија „Uniper“ побара затворање на едно од клучните складишта за гас со кои управува, образложувајќи го тоа со намалениот интерес од учесниците на пазарот.
Во текот на зимските месеци, аналитичарите предупредија дека Германија би можела да има проблеми со полнењето на складиштата оваа година, бидејќи летните цени на гасот беа блиску до нивоата што се очекуваа за зимата во 2027-ма година.
Тоа значи дека компаниите немаат доволно економски мотив да складираат гас, особено ако се земат предвид дополнителните трошоци за чување на резервите.
Сепак, војната на Блискиот Исток доведе до раст на цените на гасот и покажа дека енергетската состојба може брзо да се промени.
Според податоците на „Gas Infrastructure Europe“ (GIE), германските складишта за гас се исполнети со околу 42 отсто од нивниот капацитет, што е нешто под просекот во Европската унија, кој изнесува 50 отсто.



