Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави во Анкара дека наредил прекин на сите трговски односи со Шпанија, која ја нарече „ужасен партнер во НАТО“.
На самитот на НАТО во Анкара, Трамп рече дека веќе му наложил на американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, да ги прекине сите трговски врски со Шпанија.
Според Трамп, одлуката стапува на сила веднаш. Тој додаде дека нема да има повеќе официјални посети меѓу двете земји.
„Шпанија е ужасен партнер во НАТО. Тие не учествуваат. Тие не плаќаат. Не сакам повеќе да се занимавам со нив“, рече Трамп на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави американскиот новински портал CNBC.
„Дури и не сакам да разговарам со нив. Тие се безнадежни, лоши луѓе“, рече Трамп, додавајќи дека „има уште неколку такви земји“ меѓу сојузниците на НАТО, но дека „Шпанија е најлоша“.
Сепак, агенцијата dpa наведува дека Трамп нема лесно да ги спроведе најновите закани кон Шпанија, бидејќи таа е членка на Европската Унија и на заедничкиот европски пазар.
„Во трговските прашања, членките на ЕУ во голема мера ги префрлија своите надлежности на Европската комисија во Брисел, која зборува и преговара во нивно име“, пишува dpa.
Мадрид реагираше „многу опуштено“ на најновите изјави на Доналд Трамп. Канцеларијата на премиерот Педро Санчез објави дека ги третира овие изјави како рутинско прашање, пишува германскиот Велт.
Кабинетот соопшти дека Шпанија одржува одлични социјални, културни и економски односи со САД, кои се заемно корисни, и дека шпанската влада нема намера да го промени тоа.
Трамп ги обвинува европските членки на НАТО дека не трошат доволно за одбрана и се потпираат на САД. Се бара од сите земји-членки да издвојат пет проценти од својот БДП за одбрана.
Шпанија е меѓу ретките европски земји чии трошоци за војска едвај растат, а владата на премиерот Педро Санчез отворено одбива да издвои пет проценти од БДП за одбрана. Нејзините средства за одбрана се околу два проценти и во буџетот за оваа година.
Покрај тоа, властите во Мадрид го навлекоа гневот на Доналд Трамп со критикувањето на американскиот напад врз Иран, војната на Израел во Појасот Газа и одбивањето да им стават на располагање на американската војска воени бази на нејзина територија за водење на таа војна.



