ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје продолжува да се гради, ама кој може да купи?

Скопје продолжува да се гради, ама кој може да купи?

Станот во Скопје за многу семејства веќе не е животен план, туку математика што тешко излегува. Квадратот оди нагоре, платите го бркаат оддалеку, а младите сè почесто пресметуваат не каде сакаат да живеат, туку дали воопшто можат да купат.

За просечен стан во главниот град, со сегашните цени и примања, треба да се работи и до 17 години, ако човек трга настрана сериозен дел од платата и ако, нормално, во меѓувреме не јаде, не плаќа сметки, не чува деца и не живее.

На хартија, просечната нето-плата расте. Во реалноста, станбениот квадрат расте побрзо. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во април годинава изнесува 48.779 денари. Тоа е околу 790 евра. Но, на пазарот на недвижности, еден квадрат во Скопје одамна не се мери со македонска плата, туку со европски цени.

Во делови од градот квадратот веќе се движи далеку над 1.400 евра, а во поатрактивните населби цените одат многу повисоко. За стан од 60 квадрати, сметката лесно стигнува до 90.000, 1000.000, па и над 120.000 евра. И тука не влегуваат мебел, кујна, нотар, даноци, агенции, камати. Само голи ѕидови и клуч.

Економистите велат дека проблемот не е само во високите цени, туку во сè поголемиот јаз меѓу приходите и вредноста на недвижностите.

„Кога цената на станот расте побрзо од платите, тогаш сопствениот дом станува недостижен за сè поголем број граѓани. Тоа веќе не е прашање на желба, туку на платежна моќ“, велат економистите.

Ако едно семејство успее месечно да одвои 400 евра, што за многумина е премногу оптимистичка пресметка, за стан од околу 80.000 евра би му требале речиси 17 години. Без камата. Без поскапување. Без да се расипе автомобилот, без лекарски трошоци, без школски прибор, без одмор. Значи, во идеални услови што ретко кој ги има.

Токму затоа, велат познавачите на пазарот, сè повеќе купувачи влегуваат во станбен кредит не затоа што им е поволно, туку затоа што немаат друг избор. Кириите исто така растат, па за многу млади луѓе дилемата е сурова: или ќе плаќаат кирија со години без ништо да остане зад нив, или ќе земат кредит што ќе го носат до пензија.

„Проблемот е што станбениот кредит веќе не е само финансиска одлука. Тој станува животна обврска. Млад човек што зема кредит на 25 или 30 години практично си ја врзува иднината за една адреса и за една месечна рата“, коментираат финансиски познавачи.

Од друга страна, градежниците и дел од продавачите велат дека цените не се случајни. Поскапеле материјалите, работната рака, земјиштето, комуналиите.

Становите, велат тие, не можат да се продаваат по цени од пред десет години кога сите трошоци се отидени нагоре.

Но купувачите имаат друга сметка. Нив не ги интересира само зошто квадратот е скап, туку како да го платат. Во огласите има станови. На терен има згради. Кранови, скелиња, нови фасади. Но прашањето е колку од тие станови се реално достапни за луѓе што живеат од плата.

Економистите предупредуваат дека ако овој тренд продолжи, Скопје може да стане град во кој се гради многу, а се купува тешко. Особено за младите брачни парови, самохрани родители и семејствата со просечни приходи.

„Пазарот може да изгледа активен, но тоа не значи дека е здрав. Ако становите ги купува тесен круг луѓе со готовина или како инвестиција, а просечниот работник не може да дојде до прв дом, тогаш имаме сериозен социјален проблем“, велат аналитичарите.

За многумина, сопствениот стан останува најголемата животна инвестиција. Само што порано тоа значеше тешка, но достижна цел. Денес, сè почесто личи на трка во која цената бега напред, а платата останува неколку чекори назад.

И така квадратот станува повеќе од бројка во оглас. Станува мерка за тоа колку вреди една плата, колку е силна една економија и колку млад човек може да планира живот во сопствен град.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП