Во убавата Грција, која важи за една од омилените летни туристички дестинации за Македонците, покрај сместувањето кое е поскапено за 20 до 30 проценти, скокнати се и цените на храната.
Па така, омиленото гиро оваа година не може да се најде за помалку од 5 евра на Халкидики, а во шпицот на сезоната во туристичките дестинации цената се очекува да биде и повисока.
Растуреното гиро веќе се продава за 10 евра и нагоре.
Во разговор со туристички агенции од Скопје дознаваме дека и аранжманите во Грција за ова лето се поскапени за 20 проценти.
-Најголем интерес и годинава има за Грција, но поради инфлацијата, цените за сместување не се исти како лани, туку се зголемени за 10 до 20 проценти. Цените за апартманско сместување во Грција сега се движат од 60 евра па нагоре, во зависност од точната дестинација. Од нашите колеги разбравме дека во сите делови на Грција е поскапена храната, па затоа ги советуваме нашите туристи да си стават в џеб уште некоја паричка – објаснува вработена во една скопска туристичка агенција.
Кога сме кај храната во Грција, моменталната цена на основните намирници е слична со цените во нашите маркети, а можно е да наидете и на некои продукти кои се поевтини од тука.
Владата на Грција презема сериозни мерки за ограничување на цените на храната за да се бори против инфлацијата и профитерството на трговците.
Владата на Грција постигнаа договор со големите синџири маркети и производители на храна за целосно замрзнување на цените во текот на двата летни месеци (јули и август). Снабдувачите се обврзаа дека нема да воведуваат никакви нови поскапувања, а претходно намалените цени на 2.000 основни производи ќе останат стабилни за време на туристичката сезона.
Па така, моменталната цена на стандардниот леб изнесува од 1,0 до 1,50 евра, на багетот 1,30 евра, на грчката пита 1,85-2,35 евра, килограм домати чини 1,30 до 2 евра, краставица 0,9-1,30 евра, килограм пилешко 5,10 -7,50 евра, килограм мелено месо 7,50-9,50, маслиново масло 5 литри – 35 евра, килограм јаболка 1,30-2,20 евра…
Кога станува збор за гирото, неговата цена во Грција се движи 5 евра, литар свежо млеко е 1,15-1,30 евра.
Во зависност од видот(ципура, лаврак, барбун), свежата риба е од 8 до 20 евра за килограм. Цената на топка сладолед се движи од 2,0 евра до 3,5 евра, во зависност од слаткарницата.
Минатата година, над 900 илјади македонски граѓани ја посетиле Грција, со што земјава е меѓу првите 15 земји земји со најголем број посетители во Грција.



