Високите цени повеќе не се проблем само за просечните граѓани. Новото глобално истражување покажува дека и луѓето со најголеми приходи сè почесто се жалат на трошоците за живот во некои од најбогатите градови во светот.
Според најновиот индекс на банката „Јулиус Баер“, Сингапур повторно е најскапиот град во светот за богатите, додека Цирих се искачи на второто место.
Индексот не ги мери класичните трошоци за живот на просечниот жител, туку цената на луксузен животен стандард за луѓе со големи приходи и средства, тој се фокусира на цените на луксузните недвижности и автомобили, приватното образование и здравствените услуги, врвните ресторани или авионските билети од бизнис класа, како и други трошоци над стандардните.
Во Цирих, според истражувањето, недвижностите, велосипедите, луксузните торби, здравствените услуги, ласерската корекција на видот и спа третманите се особено скапи.
Од друга страна, приватното образование е релативно попристапно во Цирих во споредба со другите светски центри за богатите.
Сингапур остана на врвот на листата, каде што високите цени на недвижностите, автомобилите и силната валута најмногу придонесуваат за скап живот за богатите поединци.
Монако беше меѓу трите најскапи градови, додека четвртиот и петтиот беа Хонг Конг и Лондон.
Според истражувањето, трошоците за живот на богатите луѓе низ целиот свет се зголемија во просек за околу 10 проценти во долари во текот на претходната година, под влијание на инфлацијата и промените во девизните курсеви.
Податоците за индексот беа собрани до крајот на февруари 2026 година, а истражувањето беше завршено на почетокот на март, така што влијанието на последователниот конфликт на Блискиот Исток и неговите последици врз енергетските пазари не се вклучени во резултатите.



