Цената на кафето се искачи на највисоко ниво за шест месеци, достигнувајќи 3,57 долари за фунта (0,454 кг) кафе, поради загриженоста дека лошото време во Бразил и Виетнам би можело да го намали идното производство и снабдување и да доведе до недостиг на пазарот.
Бразил е најголемиот светски производител и извозник на кафе Арабика, додека Виетнам доминира во производството на Робуста.
Според проценките на експертот за стоков пазар Зафер Ергезен, зголемувањето на температурата и намалувањето на врнежите од дожд во овие земји имаат негативен ефект врз цветањето на растенијата кафе, што би можело да доведе до послаб род во следната сезона, јавува агенцијата Анадолија.
Тој очекува ефектите од климатскиот феномен Ел Нињо да траат до првиот квартал од 2027 година, што дополнително ги зголемува ризиците околу идното снабдување, додаде Ергезен.
Цената на кафето се движеше надолу во текот на првата половина од годината, но во последните недели го смени трендот.
На почетокот на јули, цената продолжи да расте и достигна 3,57 долари, приближувајќи се до претходниот максимум од 3,72 долари забележан на 28 јануари.
Фунтата е стандардна мерка за тргување со кафе, особено за договори за арабика на њујоршката берза, а сегашниот шестмесечен максимум одговара на цена од приближно 7,87 долари за килограм кафе.



