Ивана Стефановиќ (49) од Белград е една од туристките кои во овие топли јунски денови ги затекнавме на Старата чаршија во Битола. Иако не сакаше да се фотографира, таа трпеливо разговараше со нас за искуството што го имала како туристка во вториот најголем град во Северна Македонија.
„Вторпат сум во Битола, бев и минатата година и сигурно ќе дојдам уште неколку пати. Ми се допаѓа бидејќи има многу природа, а сепак е пријатен, спокоен и живописен град. Мој фаворит дефинитивно е Пелистер, минатата година ги посетив двете езера на планината Баба и бев воодушевена. Сега дојдов со мајка ми за да ѝ ја покажам Хераклеја Линкестис и заедно да уживаме. Како турист немам што да замерам, освен што би сакала на повеќе места да можам да платам со картичка. Не носам толку многу готовина кога патувам, а и генерално носам сè помалку“, искрена е Ивана на крајот од разговорот.
Нејзиното искуство сигурно го споделуваат голем број туристи во Битола, чиј број во последните години постојано расте. За да се промени оваа слика, компанијата Visa, Министерството за дигитална трансформација на Северна Македонија, Халк банка и НЛБ Банка се здружија и ја започнаа програмата „Вредноста на безготовинското плаќање во Битола“. Целта е да им се помогне на претприемачите да ги следат глобалните трендови без никаков финансиски ризик.
Преку оваа програма, сто избрани микро, мали и средни претпријатија во Битола добиваат можност целосно бесплатно да воведат иновативно Soft POS решение. Тоа практично значи дека обичен паметен телефон станува функционален терминал за прифаќање картички, без почетни трошоци, месечен надомест за одржување и провизија за трансакции во првите три месеци. Дополнително, обезбедена е и Visa Business Debit картичка без наплата на годишна членарина во првата година. Пријавувањето е отворено до 31 август 2026 година, директно во експозитурите на партнерските банки во Битола.
Кога невидливата технологија ги руши видливите бариери
Исто како што некогашните трговци морале да ги прифатат мениците на европските банки за да можат да тргуваат со светот, денешните претприемачи се соочуваат со фактот дека современите купувачи сè поретко носат готовина.
Кога странски турист кој нема локална валута ќе посака да купи автентичен сувенир или да плати сметка во кафуле, тој нема да губи време барајќи банкомат, туку едноставно ќе продолжи понатаму – кај соседот кој прифаќа картички.
Ограничувањето на плаќањето исклучиво со готовина поставува граница на висината на дневниот промет, бидејќи купувачот троши само онолку колку што физички има кај себе во тој момент. Дигиталните плаќања ја рушат таа бариера и отвораат можност за поголем број купувања, со што се зголемува и просечната вредност на сметката.
Истражувањето Visa Pulse покажува дека секој четврти трговец кој не прифаќа безготовински плаќања свесно губи купувачи, додека претприемачите кои ги отстраниле пречките при плаќањето бележат значителен раст на прометот и просечната вредност на сметката.
Дигитализацијата носи профит
Најновите податоци од регионалното истражување Visa Pulse* јасно покажуваат дека дигитализацијата е директен двигател на растот на локалната економија. Речиси секое второ мало претпријатие кое овозможило безготовинско плаќање бележи раст на приходите и поголем број купувачи, додека дури 85 отсто од локалните бизниси потврдуваат дека оваа одлука им донела поголема стабилност и профит.
Истото истражување покажува дека денес дури две третини од малите и средни бизниси во Битола препознаваат дека вложувањето во дигитални решенија не е само трошок, туку директна инвестиција во сопствениот развој, безбедност и конкурентност.
Дигиталните плаќања носат поголема транспарентност, ја олеснуваат администрацијата и им овозможуваат на претприемачите да се фокусираат на она во што се најдобри – квалитетот на услугата и односот со своите купувачи.
Трговијата отсекогаш била крвотокот на Битола, а познатата калдрма е сведок на времиња кога овој град работел на глобално ниво и ги диктирал економските текови во регионот. Денес, кога светот се пресели на екраните на мобилните телефони, верноста кон традицијата се докажува преку способноста за прилагодување кон новите трендови.
Преминот од книжни пари кон картички не значи губење на автентичноста – тоа е нов јазик на гостопримството со кој битолските претприемачи им порачуваат на глобалните патници дека се добредојдени.
******
*Истражувањето Visa Pulse е спроведено во мај 2025 година во Македонија, со метод на интервјуа лице в лице со 250 сопственици или менаџери на мали и микро претпријатија, на тема прифаќање дигитални плаќања.



