ПочетнаЕКОНОМИЈАКутиите поскапи, пушачите снаодливи

Кутиите поскапи, пушачите снаодливи

Цигарата не исчезна од рака. Се пуши пред згради, по балкони, на пауза пред работа, во автомобили, по кафулиња каде што може и каде што не може. Но продажбата на класични цигари не ја следи таа слика. Во продавниците и трафиките се купува помалку, додека навиката, според упатените, не покажува дека толку лесно се повлекува.

Проблемот, велат економистите, не е во тоа што пушачите одеднаш масовно се откажале. Работата е посложена. Дел од нив веќе не купуваат како порано. Некои се префрлаат на поевтини варијанти, некои виткаат тутун, други користат електронски цигари или уреди за загреан тутун. А има и такви што бараат цигари надвор од редовната продажба.

„Кога легалната продажба паѓа, тоа не мора да значи дека паѓа и бројот на пушачи. Многу често значи дека потрошувачот нашол друг канал или друг производ“, објаснуваат економски познавачи.

Цената е првата причина што ја споменуваат речиси сите. За човек што пуши секој ден, кутијата цигари веќе одамна не е ситен трошок. Ако се купува секојдневно, на крајот на месецот тоа станува сериозна сума. Во семејства каде што се бројат пари за храна, гориво, сметки и рати, цигарите сè почесто се пресметуваат како товар.

И тогаш почнува пазарењето со навиката. Не се откажуваш, ама штедиш. Купуваш поевтина марка. Земаш тутун и сам виткаш. Прашуваш „има ли нешто поевтино“. Некој ќе купи една кутија помалку, некој ќе бара цигари без фискална. Така изгледа реалноста зад сувата статистика.

„Пушачите ретко реагираат на цената со целосно откажување. Многу почесто реагираат со промена на однесувањето. Од легален пазар одат кон поевтин, неформален или алтернативен пазар“, велат економистите.

Тука државата влегува во незгодна позиција. Акцизите се креваат и тоа треба да донесе повеќе пари во буџетот, но ако цената ја надмине границата што купувачот може да ја издржи, дел од прометот се губи. Не исчезнува, само се преместува. Наместо во каса, завршува во џебови каде што нема данок, нема контрола и нема јасна трага.

Познавачите на пазарот предупредуваат дека сивата зона кај тутунските производи лесно се шири кога има голема разлика меѓу легалната цена и она што граѓаните можат да го платат.

„Ако производот е премногу скап, а навиката останува силна, потрошувачот ќе бара излез. Тоа е едноставна економска логика“, велат тие.

Од здравствен аспект, пак, нема многу простор за славење. Помалку продадени класични цигари не значи автоматски поздрава популација. Особено ако дел од пушачите само го замениле производот. Електронските цигари, загреаниот тутун и другите никотински производи често се претставуваат како „помека“ варијанта, но здравствените експерти предупредуваат дека зависноста останува.

„Не е доволно да се гледа само бројот на продадени кутии. Треба да се гледа целата употреба на никотински производи“, велат здравствени работници.

Највидливо е кај младите. Класичната цигара можеби веќе не им е прв избор, но тоа не значи дека никотинот не влегува во нивните навики. Напротив, новите производи често изгледаат попривлечно, помалку мирисаат и полесно се користат без да привлечат внимание. И тука приказната станува уште понепријатна.

Затоа падот на продажбата на цигари не смее да се чита набрзина. Бројките може да покажат помал промет, но улицата покажува друга слика. Чад има. Пушачи има. Само не секоја цигара е купена од трафика, не секој производ е класична кутија и не секој денар завршува таму каде што државата очекува.

Навиката останува. Само сметката се плаќа на друг начин.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП