Пари што денес не стигнуваат навреме на пензиската сметка, утре може да значат помала пензија. Не веднаш, не на следната плата, не на изводот што ретко кој го отвора. Но, по години работа, кога ќе дојде редот за пензија, тие задоцнети месеци веќе нема да бидат само техничка грешка. Ќе бидат изгубен принос.
Ревизорските наоди покажуваат дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не ги префрлал навремено придонесите што треба да завршат во вториот пензиски столб. Законот бара тоа да се направи веднаш, а најдоцна во рок од пет работни дена. Во пракса, во 2024 година доцнењето било во просек околу два месеца.
На крајот на февруари годинава, долгот по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски фондови достигнал 2,592 милијарди денари. Тоа се пари што им припаѓаат на осигурениците, но не биле навреме распоредени на нивните индивидуални сметки.
Економисти со кои разговаравме велат дека проблемот не е само книговодствен.
„Кај вториот столб времето е пари. Ако придонесот не се префрли навреме, тие средства не се инвестираат. А ако не се инвестираат, нема принос. Тоа на крајот може да се претвори во пониска пензија“, велат економистите.
Вториот пензиски столб функционира поинаку од државниот систем на генерациска солидарност. Таму секој член има своја индивидуална сметка. Дел од придонесот, 6 отсто од бруто-платата, треба да се префрла во задолжителен пензиски фонд, а тие пари потоа се вложуваат. Од уплатите и од приносот што ќе се оствари со текот на годините зависи дел од идната пензија.
Токму затоа доцнењето е чувствителна работа. Денес може да изгледа како административна пречка, но за млад работник што ќе се пензионира по 25 или 30 години, секој ненавремен трансфер значи помалку време за капитализација.
„Не зборуваме за една плата што ќе се изгуби. Зборуваме за систем во кој секоја уплата треба да работи за осигуреникот. Ако парите стојат надвор од фондот, тие не работат за никого, освен што создаваат ризик за членот“, објаснуваат познавачи на пензискиот систем.
Според ревизорските констатации, Фондот ги изработувал пресметките за трансфер во законскиот рок и ги доставувал до трезорот на Министерството за финансии. Но, средствата не се пренесувале навреме до трите пензиски фондови. Тоа значи дека проблемот не е во тоа дали се знаело кому колку треба да му се префрли, туку во тоа што парите не стигнувале на време.
А кога парите не стигнуваат, осигурениците не можат сами да го поправат проблемот. Вработениот си ја добива платата, придонесите му се пресметани, на хартија сè изгледа уредно. Но, ако распределбата заглави некаде по пат, тој губи без да знае.
„Граѓанинот не може секој месец да трча по институции и да проверува дали државата си ја завршила работата. Затоа системот мора да биде точен до ден, не до месец или два“, велат финансиски аналитичари.
Дополнителен проблем е довербата. Вториот столб беше замислен како систем во кој дел од пензијата зависи од личната сметка и од вложувањето на средствата. Ако придонесите се префрлаат со задоцнување, кај осигурениците се јавува логично прашање: дали моите пари навистина се таму каде што треба да бидат?
Економистите предупредуваат дека ваквите доцнења не мора веднаш да направат голема разлика кај секој поединец, но ако се повторуваат, ефектот се собира.
„Еден месец доцнење можеби нема драматично да ја намали пензијата. Но, ако тоа стане навика, ако се повторува повеќе години, тогаш веќе зборуваме за системски удар врз идните пензии“, велат тие.
Во меѓувреме, осигурениците најчесто дознаваат за ваквите проблеми дури кога ќе се појави ревизорски извештај. Дотогаш, сè е некаде во системот. На платна листа, во пресметка, во трезор, во чекање.
А пензијата, колку и да изгледа далеку за денешните работници, се прави токму од тие мали месечни уплати. Една по една. Навреме, не кога ќе се стигне.
Б.З.М



