Дојранското Езеро со векови претставува симбол на животот, традицијата и гастрономијата во овој крај. Токму затоа, зачувувањето на неговата природна убавина е заедничка одговорност на локалната заедница, туристичкиот сектор и угостителските објекти. Ресторанот НОТА од Стар Дојран е еден од позитивните примери како успешното угостителство може да биде двигател и на еколошките промени.
Покрај препознатливата традиционална дојранска кујна и автентичните вкусови, ресторанот вложува и во практики кои придонесуваат за зачувување на животната средина.
Во соработка со Пакомак, ресторанот активно го селектира амбалажниот отпад, овозможувајќи стаклото, пластиката и другите материјали повторно да влезат во процесот на рециклирање. На тој начин се намалува количината отпад што завршува на депониите и се дава директен придонес кон почиста животна средина и зачувување на природните богатства на Дојран.
Како дел од проектот „Are You Recycling“, ресторанот Нота е пример дека и угостителските објекти можат успешно да ги применуваат принципите на циркуларната економија и одговорното управување со отпадот.
Нота, е едно од местата што секој посетител на Дојран сака да го доживее. Менито е инспирирано од локалната традиција и богатството на Дојранското Езеро, со посебен акцент на свежата дојранска риба и специјалитетите подготвени според рецепти што со генерации се пренесуваат во овој крај. Дојранскиот крап, рибните специјалитети, како и богатата понуда на традиционални македонски јадења, подготвени од свежи и внимателно одбрани состојки, се причината поради која гостите повторно се враќаат.
Традицијата во Дојран отсекогаш била тесно поврзана со природата. Жителите со векови живеат од езерото и добро знаат дека неговото зачувување е предуслов за развојот на туризмот, рибарството и локалната гастрономија. Токму затоа, во ресторанот Нота еколошката одговорност не се доживува како обврска, туку како природен продолжеток на дојранската традиција.
„Како ресторан кој секојдневно пречекува голем број гости, свесни сме дека имаме одговорност не само да понудиме квалитетна храна, туку и да придонесеме за зачувување на средината во која работиме. Дојранското Езеро е нашето најголемо богатство и сите треба да се грижиме за него. Селектирањето на отпадот е само еден од чекорите што ги преземаме за да го намалиме нашето влијание врз животната средина“, велат од ресторанот.



