Во време кога власта се потпира на резултати од нивна анализа за движењето на цените на годишно ниво, официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во мај годинава прометот во трговијата на мало со храна и пијалаци е зголемен за близу 10 отсто на годишно ниво. Првичните наоди според последните изјави на надлежните се дека маржите или заработката во трговијата не ги прекршила правилата, односно се било според Законот за трговски практики.
Од друга страна, инфлацијата од месец во месец не попушта и се движи околу 5%, а податоците за цените велат дека на годишно ниво има раст од 5,6 отсто. Граѓаните веќе не знаат што да сторат, каде да скратат и од што целосно да се откажат.
Во трговијата на мало државните статистичари забележале раст на проментот на годишно ниво за цели 9,1 отсто за периодот мај 2026 споредено со мај 2025. Зголемен е и прометот во трговијата со горива, каде значително се зголемија цените поради војната во Иран, но тој раст е речиси двојно помал од оној кој го добиле маркетите.
Во трговијата на мало во мај 2026 година, во споредба со мај 2025 година, гледано по групи и класи, стапката на прометот во групите: Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун номинално е зголемена за 15.0%, а реално за 9.1%, Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво, номинално е намалена за 3.6%, а реално е зголемена за 1.6%, Трговија на мало, освен трговија со горива, номинално е зголемена за 6.0%, а реално за 6.2% и Трговија на мало со автомобилски горива реално е зголемена за 14.7%, а номинално за 36.2%, стои во извештајот на ДЗС
Пред два дена властите соопштија дека нивната анализа која се прави од податоци од терен покажала првични информации дека трговците играат според правилата. Немало енормно зголемување на маржите туку минимално или во рамките на дозволеното. А само пред една недела, премиерот нагласи дека трговците мораат да ги намалат цените бидејќи инфлацијата само по себе нема да се намали. Тој оставри средба со претставници на најголемите синџири на маркети од кој доби уверувања дека основните прехранбени производи ќе бидат со пониска цена се со цел преполовување на инфлацијата. Сега кога државнта анализа покажала дека нема простор за владини мерки и интервенции во маржите, се отвора дилемата дали трговците ќе го послушаат премиерот и ќе ги корегираат цените во надолна линија.
И.П.



