ПочетнаЕКОНОМИЈАКапетанот на ЕЦБ наскоро го напушта бродот: Можеби и пред крајот на...

Капетанот на ЕЦБ наскоро го напушта бродот: Можеби и пред крајот на нејзиниот мандат

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека не ја исклучува можноста да ја напушти својата функција пред крајот на нејзиниот мандат за да учествува во политичката дебата пред француските претседателски избори напролет 2027 година.

Во интервју за францускиот весник Les Echos, таа истакна дека својата мисија ја гледа пред сè во обезбедувањето стабилност на цените, додавајќи дека Еврозоната повторно е во турбулентен период, па затоа, според неа, „капетанот на ЕЦБ не смее да го напушти бродот“ пред крајот на нејзиниот мандат во октомври 2027 година.

На прашањето дали, доколку ситуацијата се смири, би размислила да замине порано за да учествува во француската претседателска дебата, таа одговори дека е можно, оценувајќи дека е потребно европскиот глас да се чуе во таа дебата.

„Доколку оваа дебата покаже поограничена визија за местото на Франција во Европа, мислам дека би било потребно да се објасни зошто тоа би било болно патување за нашата земја и за нашите сограѓани“, рече Лагард.

Таа не ја исклучи можноста дека во наредните месеци, сè уште во својство на претседател на ЕЦБ, отворено ќе разговара со одредени кандидати за претседателските избори.

„Би зборувала со француски и европски глас, бидејќи длабоко верувам во обете. Би им кажала дека Франција мора да игра одлучувачка улога во економската иднина на нашиот континент“, изјави претседателката на ЕЦБ.

Според неа, економските перспективи на Франција без европската средина се „благо речено нејасни“.

Нејзините изјави доаѓаат во време кога Франција се подготвува за претседателските избори во 2027 година, каде што се очекува политичка битка помеѓу проевропските и евроскептичните опции, објавува CNBC.

Во исто време, француската влада се обидува да спроведе мерки за фискална консолидација, вклучително и намалување на буџетот, со цел да се намали јавниот дефицит и да се исполнат фискалните цели на ЕУ до 2029 година.

Министерот за финансии на Франција, Роланд Лескир, предупреди дека политичките дебати не смеат да го загрозат усвојувањето на државниот буџет и стабилноста на јавните финансии.

Во интервју објавено на веб-страницата на ЕЦБ, Лагард изјави дека Франција мора да донесе „смели одлуки“ во врска со економските реформи и дека граѓаните очекуваат реалистичен и одговорен политички дискурс.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП