ПочетнаЗДРАВЈЕКако исхраната може да помогне во ублажување на симптомите на псоријазата?

Како исхраната може да помогне во ублажување на симптомите на псоријазата?

Дијагнозата на псоријаза отвора многу прашања, меѓу кои и дали промената на начинот на исхрана може да помогне во ублажување на чешањето, црвенилото и лушпестите промени на кожата. Бидејќи секој организам реагира различно, соработката со лекар или нутриционист е од големо значење за успешно справување со оваа состојба. Сепак, исхраната може да има важна улога во контролирањето на симптомите.

Иако правилната исхрана сама по себе не може да ја излекува псоријазата, антиинфламаторниот начин на исхрана може значително да придонесе за намалување на симптомите. Намирниците како масна риба, мешунки, јаткасти плодови, овошје и зеленчук треба да бидат основа на секојдневното мени, додека внесот на додадени шеќери, ултрапреработена храна и алкохол е препорачливо да се ограничи, бидејќи тие можат да придонесат за влошување на состојбата, пишува „EatingWell“.

„Псоријазата е воспалително заболување, па иако храната не е лек, антиинфламаторната исхрана може да помогне во подобро контролирање на симптомите“, вели нутриционистката Самарија Гарет.

Според неа, храната богата со омега-3 масни киселини и антиоксиданси – како масната риба, овошјето, зеленчукот, јаткастите плодови и мешунките – може да помогне во намалување на воспалителните процеси што предизвикуваат црвенило, печење, чешање и иритација.

Клучот е во антиинфламаторната исхрана

Псоријазата е хронично воспалително заболување на кожата кое се јавува кога имунолошкиот систем погрешно ги напаѓа сопствените клетки на кожата, предизвикувајќи тие пребрзо да се обновуваат. Како последица на тоа се создаваат карактеристичните лушпести плаки.

„Воспалението е една од главните причини за појавата на псоријазата, а навиките во исхраната значително влијаат врз нивото на воспалителните процеси во организмот“, објаснува нутриционистката Кели Блејк.

Антиинфламаторната исхрана е само еден дел од целокупниот пристап во третманот на псоријазата.

„Исхраната богата со хранливи материи му помага на организмот подобро да се брани, го намалува воспалението и позитивно влијае врз други состојби кои често се поврзани со псоријазата, како што се кардиоваскуларните заболувања и инсулинската резистенција“, вели Гарет.

Особено се препорачува внесување намирници богати со омега-3 масни киселини, растителни влакна, пребиотици и пробиотици, бидејќи тие придонесуваат за намалување на воспалението и за подобро здравје на цревата.

„На моите пациенти со псоријаза секогаш им препорачувам во секој оброк да внесуваат доволно растителни влакна, бидејќи тие придонесуваат за здрава цревна микрофлора и редовно исфрлање на отпадните материи од организмот“, додава Блејк.

Намирници што треба почесто да се консумираат

Лекарите и научниците препорачуваат почесто да се консумираат:

– масна риба, како лосос, скуша и сардини, богати со омега-3 масни киселини и витамин Е;

– овошје и зеленчук, особено спанаќ, кељ и шумско овошје, кои содржат големо количество антиоксиданси;

– мешунки, како грав, леќа и наут, кои имаат природни антиинфламаторни својства;

– јаткасти плодови и семиња, како ленено семе, чиа и бадеми, богати со здрави масти, антиоксиданси и растителни влакна;

– зачини како куркума, ѓумбир, лук и цимет, кои содржат биоактивни соединенија со антиинфламаторно дејство;

– ферментирана храна, како јогурт, кефир и кисела зелка, богати со пробиотици што го поддржуваат здравјето на цревата.

Редовната и разновидна консумација на овие намирници му обезбедува на организмот доволно растителни влакна, пробиотици, пребиотици и здрави масти кои помагаат во намалувањето на воспалението.

„Исхраната богата со растителни влакна го подобрува здравјето на цревата, а сè повеќе истражувања покажуваат дека постои силна поврзаност помеѓу цревниот микробиом и здравјето на кожата кај воспалителните заболувања како псоријазата“, објаснува Гарет.

Намирници што е препорачливо да се ограничат

Факторите што предизвикуваат влошување на псоријазата се разликуваат од човек до човек, но одредени намирници почесто се поврзуваат со појава или влошување на симптомите.

Тоа се пред сè:

– производи со голема количина додаден шеќер, како слатки, колачи и газирани пијалаци, кои можат да го зголемат оксидативниот стрес;

– ултрапреработена храна, како чипс, индустриски грицки и преработени месни производи, кои можат да ги поттикнат воспалителните процеси;

– алкохолни пијалаци, особено пиво, кое кај дел од луѓето може да придонесе за влошување на псоријатичните промени.

Ова не значи дека овие намирници мора целосно да се исфрлат од исхраната, но препорачливо е нивниот внес да биде умерен и внимателно да се следи дали предизвикуваат влошување на симптомите. Најважно е секојдневната исхрана да се темели на разновидни намирници со антиинфламаторно дејство.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП