ПочетнаЕКОНОМИЈАРебалансот на буџетот од денеска пред пратениците!

Ребалансот на буџетот од денеска пред пратениците!

Стартува расправата за предлог ребаласот на буџетот. Пратениците на власта и на опозицијата во следниве две недели ќе ги спротистават своите аргументи како и секогаш за овој битен документ на државата.

Власта ќе настојува со своите убедувања дека прекројувањето на државната каса е со цел да се даде приоритет на проектите кои се најбитни за граѓаните и кои се во завршна фаза, а пак опозицијата има свои ставови кои најчесто се негативни и песимистички за состојбата со ликвидноста на државата. Тука секога има место за црни сценарија, како банкрот, или немање визија за водење на државата. Власта е секогаш оптимист и најавува зголемени економски активности до крајот на годинава.

Ребалансот на Буџетот за 2026 година, предвидува продолжување на економскиот раст, забрзување на инфраструктурниот развој и реализација на проекти од стратешко значење за државата. Ова е главната поента на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, а според неа ребалансот претставува баланс меѓу фискалната одговорност и потребата од дополнителни инвестиции, при што главниот акцент е ставен на капиталните проекти и развојните политики.

„Со овој ребаланс вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, што претставува зголемување од околу 4,2 милијарди денари или 1,1 процент во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година. Даночните приходи остануваат речиси непроменети и се проектирани на 213,2 милијарди денари, со минимално намалување од 0,4 проценти. Намалувањето, како што објасни, произлегува од ревидираните приходи од акцизи и данокот на додадена вредност. Приходите од акцизи се намалуваат за околу 1,5 милијарди денари поради владините мерки за намалување на акцизите на нафтените деривати, со цел ублажување на последиците од растот на цените на горивата“, велат од министерството за финансии.

Опозицијата останува на ставот дека ребалансот на буџетот се прави само поради тоа што државната каса е празна. Од СДСМ велат дека министерката за финансии Гордана Кочоска признала дека целиот планиран годишен буџетски дефицит е потрошен уште во првите шест месеци од годината, а со ребалансот се предвидува негово дополнително зголемување.

Според СДСМ, економската состојба најдобро се гледа преку намалената куповна моќ на граѓаните, растот на трошоците за живот и сè поголемата неизвесност кај населението. Од опозициската партија тврдат дека, и покрај владините тврдења за економски успеси, буџетскиот дефицит расте, јавниот долг се зголемува, а реформската агенда доцни.

СДСМ наведува дека јавниот долг во изминатите две години е зголемен за повеќе од 2,5 милијарди евра и достигнал околу 11 милијарди евра, обвинувајќи дека средствата не биле искористени за повисоки плати, капитални инвестиции или поддршка на граѓаните и стопанството.

Со најавениот ребаланс, Владата планира дополнително да го зголеми дефицитот, и покрај претходните ветувања дека ќе го намалува. Ова не е изненадување. Тоа е директна потврда на она што СДСМ го предупредуваше уште од почетокот на мандатот на оваа Влада. Граѓаните најдобро знаат какво е вистинското состојба на економијата. Доволно е да погледнат во своите паричници и фрижидери. Таму не се гледа „трета економија во Европа“, туку раст на трошоците за живот, пад на куповната моќ и сè поголема загриженост за иднината“, велат од опозицијата.

За овој ребаланс на буџетот има поднесено 226 амандмани.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП