ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија нуди 20.000 евра, Европа нуди ред - што ќе изберат младите?

Македонија нуди 20.000 евра, Европа нуди ред – што ќе изберат младите?

Дваесет илјади евра за сопствен бизнис звучат како добра причина некој млад човек да остане дома. Да не купи карта во еден правец. Да не ја спакува дипломата, работното искуство и нервозата во куфер. Но прашањето е дали парите сами по себе се доволни да го сопрат заминувањето или само ќе одложат една одлука што многумина одамна ја носат во себе.

Со Оперативниот план за вработување за 2026 година се најавува нов пакет мерки тежок речиси 40 милиони евра. Дел од парите се наменети за самовработување, дел за практикантство, обуки, поддршка за повратници од странство, како и за младински додаток за млади кои работат во производствени капацитети.

Најмногу внимание привлекуваат грантовите за сопствен бизнис. За младите до 29 години поддршката оди до 10.000 евра, за лицата над таа возраст до 7.000 евра, а преку здружување во друштво со ограничена одговорност сумата може да достигне од 14.000 до 20.000 евра. На хартија, тоа не е малку. За мал сервис, работилница, дигитална услуга, производство во мал обем или семеен бизнис, овие пари можат да бидат почетен кислород.

Но почетокот не е исто што и опстанок.

„Добро е што државата конечно става поголеми пари во самовработување, но младите не бегаат само затоа што немаат 10.000 евра за бизнис. Бегаат затоа што не веруваат дека системот ќе ги остави чесно да работат“, велат познавачи на пазарот на труд.

Тука е суштината. Еден млад човек може да отвори фирма, да купи опрема, да направи веб-страница, да најде први клиенти. Но ако потоа заглави во лавиринт од дозволи, инспекции, непредвидливи правила, доцнење на плаќања и бирократија, ентузијазмот брзо се топи. Бизнисот не живее од грант. Живее од пазар, доверба и ред.

Работодавaчите ја поздравуваат мерката. За нив, секоја поддршка што носи нови вработувања, нови мали фирми и повеќе луѓе во производството е добредојдена. Особено во време кога речиси секоја фабрика, работилница или поголема компанија се соочува со ист проблем: нема луѓе. Или има, ама кратко остануваат.

„Млад човек ќе остане ако види перспектива. Платата е важна, но не е единствена. Треба да знае дека утре нема некој да му ја смени играта преку ноќ“, коментираат познавачите на состојбите.

Во планот е предвиден и младински додаток за млади до 23 години кои работат во производство. По 3.000 денари месечно. За некого тоа е покриена сметка за телефон и превоз. За друг, симболична помош. Но пораката е јасна: државата сака да ги насочи младите кон реалниот сектор, таму каде што недостигот на работници најмногу боли.

Сепак, младите не ја мерат иднината само во денари. Ја мерат и во тоа дали можат да купат стан, дали ќе најдат градинка за дете, дали ќе добијат услуга без врски, дали трудот ќе им биде признаен. Ја мерат во секојдневни работи. Во автобус што доаѓа навреме. Во шалтер што не те враќа трипати. Во докторски термин што не се чека со месеци. Во чувство дека не си будала затоа што сакаш да останеш.

Посебна приказна се повратниците од странство. Тие веќе виделе како функционира поинаков систем. Ако се вратат, не се враќаат само поради грант. Се враќаат ако веруваат дека овде можат да изградат живот, а не само да преживеат неколку месеци со државна помош.

„Парите се важен сигнал, но не смеат да бидат алиби. Ако институциите не работат, ако правната сигурност е слаба, ако младите мислат дека успехот зависи од партија, роднина или врска, тогаш ниту 20.000 евра нема да бидат доволни“, предупредуваат аналитичари.

Оперативниот план може да отвори врати. Може да му помогне на некој млад човек да ја претвори идејата во фирма. Може да врати некого од странство. Може да задржи работник во производство. Но не може сам да ја излечи недовербата.

А токму недовербата е најскапата сметка што ја плаќа државата. Не се гледа веднаш во буџетот, ама се гледа на аеродромите, во празните училници, во фирмите што бараат работници и во семејствата што велат: „Нека оди детето, таму барем ќе има ред“.

Затоа 20.000 евра се добра вест. Но ако младите треба да останат дома, покрај грантот ќе треба да добијат уште нешто. Причина да веруваат дека дома навистина вреди да се остане.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП