Новиот министер за земјоделство, Борче Серафимовски, влегува во ресор во кој проблемите одамна не се мерат само во задоцнети субвенции. На терен има нервоза, недоверба и замор. Сточарите и земјоделците од Битола веќе излегоа на протест, се бара итна исплата на парите што им следуваат, се зборува за нови блокади, а низ селата сè почесто се слуша истата реченица: вака веќе не оди.
Земјоделците не бараат чуда. Бараат да знаат на што се. Кога ќе бидат исплатени субвенциите. По која цена ќе го продадат родот. Дали ќе има кој да го откупи. И, најважно, дали по цела сезона работа ќе остане нешто во џебот или повторно ќе завршат со долгови.
„Не можеш да планираш производство ако не знаеш дали парите ќе ги добиеш навреме. Ние не работиме во канцеларија, туку работиме со земја, со стока, со трошоци секој ден“, велат земјоделци кои бараат институциите конечно да го фатат чекорот со реалноста на терен.
Најголемиот товар, според нив, не е само во тоа што субвенциите доцнат. Проблемот е што целиот систем е непредвидлив. Се сади без сигурност, се произведува без гаранција, а на крајот се преговара со откупувачи во услови во кои земјоделецот речиси секогаш е послабата страна.
Цените на репроматеријалите растат. Горивото, ѓубривото, сточната храна, работната рака, сè влегува во калкулацијата. Но кога ќе дојде време за откуп, производителите велат дека нивниот труд се мери како да нема вредност.
„Ние не бараме некој да ни подари. Бараме фер цена. Ако трошокот ми е поголем од заработката, тогаш зошто да произведувам? За кого?“, прашуваат дел од земјоделците.
Токму тука ќе биде првиот сериозен тест за новиот министер. Не во кабинет, туку на терен. Серафимовски ќе мора брзо да покаже дали ресорот ќе продолжи да гаси пожари од протест до протест или конечно ќе се обиде да постави ред во системот што со години ги држи земјоделците во неизвесност.
Познавачите на состојбите во секторот велат дека исплатата на субвенциите е неопходна, но не и доволна. Според нив, земјоделството не може да се стабилизира само со ад хок исплати кога притисокот ќе стане преголем.
„Субвенциите се важни, но тие не смеат да бидат единствениот столб. Ако нема сигурен пласман и фер откуп, производителот секоја година почнува од нула“, велат упатени во состојбите.
Сточарите, пак, се жалат дека се на работ на издржливост. Храната за добитокот поскапува, обврските не чекаат, а парите доаѓаат бавно. Во такви услови, велат, многумина размислуваат да намалат производство или целосно да се откажат.
А кога земјоделец ќе се откаже, тоа не е само лична одлука. Тоа значи празни ниви, помалку домашна храна, поголема зависност од увоз и уште едно село во кое младите немаат причина да останат.
Затоа прашањето пред новиот министер не е само дали ќе ги исплати субвенциите. Тоа мора да се случи. Прашањето е дали ќе успее да врати доверба во сектор во кој луѓето одамна слушаат ветувања, а на крајот повторно остануваат сами со калта, стоката, родот и сметките.
Б.З.М.



